ЛОШИ РАБОТИ ЌЕ СЕ СЛУЧАТ АКО НЕ НИ ЈА ВРАТИТЕ БАЗАТА „БАГРАМ“ Трамп со порака до Талибанците во Авганистан

Сега разговараме со Авганистан и ја сакаме назад, и ја сакаме назад брзо и веднаш. А ако не го сторат тоа, ќе дознаете што ќе направам, им рече американскиот претседател Доналд Трамп на новинарите.

608

Американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на Авганистан дека ако не ја врати контролата врз воздухопловната база Баграм на американската војска, „ќе се случат лоши работи“.

„Ако Авганистан не ја врати воздухопловната база Баграм на оние што ја изградија – Соединетите Американски Држави, ЌЕ СЕ СЛУЧАТ ЛОШИ РАБОТИ“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут Соушл.






Републиканскиот претседател во четвртокот изјави дека Вашингтон се обидува да ја врати базата, која ја користеа американските сили во војните во регионот по нападите врз САД на 11 септември 2001 година. Вчера, Трамп им рече на новинарите дека разговарал со авганистанските претставници за ова прашање.

Запрашан од новинарите во Белата куќа дали би размислил за испраќање трупи за повторно преземање на базата, Трамп одговори: „нема да зборуваме за тоа.“

– Сега разговараме со Авганистан и ја сакаме назад, и ја сакаме назад брзо и веднаш. А ако не го сторат тоа, ќе дознаете што ќе направам – рече Трамп.

Авганистанските претставници се спротивставија на можното обновување на американското воено присуство во земјата.

„Авганистан и САД треба да работат заедно… без САД да одржуваат какво било воено присуство во кој било дел од Авганистан“, напиша Закир Џалал, функционер на Министерството за надворешни работи во Кабул, на социјалната мрежа Икс во четвртокот.

Разговарајќи со британскиот премиер Кир Стармер на 18 септември при државната посета на Велика Британија, Трамп рече дека неговата администрација преговара со Талибанците за враќање на базата. Додаде и дека базата има стратешка локација на базата, затоа што е близу до нуклеарните постројки на Кина. Рече и дека „Баграм“ е една од најголемите воздухопловни бази во светот, со една од најголемите писти изградена од тежок бетон и челик. Аеродромот има писта од 3,6 километри што може да се користи за бомбардери и големи транспортни авиони.

Кон крајот на својот прв мандат, Трамп постигна договор за повлекување од Авганистан, но во 2021 година, тогашниот претседател Џо Бајден ги презеде плановите. Трамп постојано го критикуваше начинот на кој Бајден го спроведе военото повлекување, затоа што САД оставија илјадници оружја и друга воена опрема, како и огромен амбасадорски комплекс, кој сега е празен во центарот на Кабул.

Поврзани содржини