ШТИП ЌЕ СТАНЕ ТУРИСТИЧКИ ЦЕНТАР НА ИСТОКОТ Браната на Отиња ќе привлекува исто колку и Мавровското Езеро во Западна Македонија
Министерот за транспорт Александар Николоски вели дека покрај универзитетски и бизнис центар, Штип треба да стане и туристички центар за овој дел на Македонија и во таа насока е и урбанизцијата околу браната Кежовица, каде има голем туристички потенцијал.
Штип има потенцијал да стане туристички центар на Истокот, рече денеска министерот за транспорт Александар Николоски при посетата на градот на отворањето на манифестацијата „Штипска пастрмајлијада“.
– Навистина е чест да се биде денеска во Штип на отворањето на овој голем настан, за кој што живее овој град и целиот регион. Сметам дека е добро да се организираат вакви настани со цел да се раздвижи локалната економија. Ова значи многу посетители кои што овие денови ќе го посетат Штип. Ова значи влез на неколку милиони евра директно во локалната економија, што е задвижување за целото стопанство и нешто што треба да биде подржано. Мислам дека градоначалникот прави одлична работа и сакам да му честитам за тоа што го прави досега. Верувам дека и во следниот период ќе има уште поголеми успеси – рече Николоски.
Посакувам убава дружба и убави моменти, не само за штипјани туку и сите што ќе ја посетат манифестацијата, додаде тој.
– Има бројни капитални проекти што ги реализираме како Влада и со тоа даваме силна подршка за Штип и за регионот. Бројни инфрастрктурни проекти се во реализација, во делот на патната мрежа, во делот на канализациски и водоводни мрежи, во делот на образованието. Работиме и големи проекти, интензивно се работи на браната Отиња, како и на целосна урбанизација околу браната. Она што е Мавровското Езеро на западниот дел на Македонија, браната Отиња треба ќе стане во Источна Македонија. Покрај универзитетски и бизнис центар, Штип да стане и туристички центар за овој дел на Македонија и во таа насока е и урбанизцијата околу браната Кежовица. Таму има голем туристички потенцијал, така што навистина имаме големи планови за Штип – истакна Николоски.