ВЛАДАТА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ 700.000 ЕВРА ЗА ОБНОВА НА „СОКОЛАНА“ Куманово досега доби 12 милиони евра за разни проекти
Ние како Влада ќе направиме сè што е во наша моќ да ги поддржиме овие иницијативи, за да можат кумановци да добијат што е можно повеќе проекти што ќе значат подобар живот и поквалитетен живот овде во Куманово, рече премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Куманово.
Владата по изборите ќе обезбеди 700.000 евра за реконструкција на спортскиот објект „Соколана“ во Куманово, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Куманово, каде домаќин му беше градоначалникот Максим Димитриевски.
Мицкоски му упати честитки на Димитриевски за сето она што го прави изминатиов период и најави заеднички проекти на општината и Владата, како што е обновата на „Соколана“.
– Ја користам оваа прилика да се заблагодарам и на советниците, на администрацијата која што ја поддржува успешната работа на градоначалникот овде во Куманово. Убеден сум дека таа ќе биде побројна во периодот којшто следи и таа успешна соработка ќе продолжи. За неговата работа како градоначалник можев да се уверам и од оние сведочења во двата стопански објекта што претходно ги посетивме. Тие навистина кажаа, би рекол, исклучително вонредни позитивни коментари за тоа што сè Општината, градоначалникот и администрацијата прават за нивните инвестиции да бидат поуспешни. Така што заедно Владата, Општината, градоначалникот правиме исклучително добри работи и ќе продолжиме да правиме исклучително добри работи за Куманово – рече Мицкоски.
Тој се заблагодарии и на пратениците што доаѓаат од Куманово, коишто се борат Куманово да има проект повеќе којшто ќе биде финансиран од страна на Владата.
– И јас навистина можам да кажам дека таквата борба инспирира. Ние како Влада ќе направиме сè што е во наша моќ да ги поддржиме овие иницијативи, за да можат кумановци да добијат што е можно повеќе проекти што ќе значат подобар живот и поквалитетен живот овде во Куманово – рече премиерот.
Тој додаде дека од централниот буџет за Куманово се финансирани проекти во вкупна вредност од 11 до 12 милиони евра.
– Такво нешто во општините не се случувало. Овие капитални инвестиции се токму во таа насока – да обезбедат подобар живот и подобри услови за живот на кумановци, како и на сите граѓани во Македонија. Повеќе за канализации, за асфалт, за патишта, булевари, за улици, за водовод итн. Така што, ние сме горди на тој проект, бидејќи со тој проект повеќе од 350-400 милиони евра ќе завршат во општините, вклучително со другите програми на министерствата – рече Мицкоски.