ОСНОВНАТА КАМАТНА СТАПКА ОСТАНУВА НА НИВО ОД 5,35% Народна банка го задржува внимателниот пристап

На исто ниво остануваат и каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена од 3,95% и од 4%.

44

Основната каматната стапка записи останува на ниво од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се задржуваат на нивоата од 3,95% и од 4%, информира Народна банка по седницата на  Извршниот одбор за монетарна политика.

Непроменета останува и понудата на благајничките записи на редовната аукција односно ќе изнесува 10 милијарди денари.






– Со ваквата одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, во согласност со економските услови и ризиците коишто произлегуваат од домашното и надворешното окружување. Овој пристап на монетарната политика е поддржан и со неодамнешните промени кај задолжителната резерва, затегнувањето на  макропрудентните мерки во делот на критериумите на кредитната побарувачка, како и со зголемувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот за дополнителни 0,25 процентни поени. Комбинацијата на овие мерки е насочена кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и стабилноста на девизниот курс, како и кон заштита од можни идни системски ризици – велат од Народната банка.

Во однос на инфлацијата во август од 4,4% ,Народната банка оценува дека таа уште е над проектираното ниво и дека и понатаму е потребна внимателност.

– Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока, што укажува на помали увозни ценовни притисоци во споредба со очекувањата. И покрај тоа, сѐ уште постои неизвесност околу идните движења на светските цени на примарните производи поради геополитичките тензии и климатските промени. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат, а се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката- велат од Народната банка.

Состојбата на девизниот пазар се оценува како стабилна со нивото на девизните резерви од 4,754 милијарди евра на крајот на август, а растот на економската активност во вториот квартал од годината изнесувал 3,4% на годишна основа и ваквото остварување е малку повисоко во однос на оценката за вториот квартал во рамки на априлскиот циклус проекции.

Светската неизвесност, особено поради трговските и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија.

Остварувањата во монетарниот сектор, велат од НБ, покажуваат натамошна солидна кредитна поддршка на економијата, што е над очекувањата. Во јули депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се повисоки во однос на априлските проекции.

Поврзани содржини