ДУИ ПРАВИ ЗДЕЛКИ СО АЛБАНОФОБИ ЗА ПОЕНИ Вреди го открива тајниот договор Ахмети и Апасиев во Струга
Вреди тврди дека ДУИ склучила „срамен договор“ со Левица за Струга, но уверува дека граѓаните ќе ја донесат промената на 19 октомври.
Од Вреди остро реагираа на, како што велат, „темниот договор“ меѓу ДУИ и Левица за локалните избори во Струга. Од таму тврдат дека овој потег претставува „најсилен доказ“ дека владејачката партија е подготвена да направи компромиси со политички сили кои, според нив, својата кариера ја изградиле врз „албанофобија“.
„Најновиот скандал што кружи на терен и во јавноста е жив доказ дека ДУИ изгубила секаков вид политичка ориентација. Договорот постигнат помеѓу посредникот на Али Ахмети, Кренар Лога, и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, заедно со генералната секретарка Јована Мојсовска, не е ништо повеќе од тешко предавство на стружани“, порачаа од Вреди.
Според нив, сценариото е веќе подготвено – Мојсовска да настапи како „изненадувачки кандидат“ во Струга, со цел да собере гласови од македонскиот блок и да спречи победа уште во првиот круг на кандидатот на Вреди, Менди Ќира.
„Ова е срамен план, оркестриран од Лога и ДУИ, кои очигледно соработуваат со политички сили што не ја кријат својата албанофобна агенда. За нив, моќта е поважна од достоинството на Албанците. Сомнителните зделки вредат повеќе од иднината на граѓаните на Струга“, стои во реакцијата на партијата.
Вреди нагласува дека јавноста не треба да стане жртва на „валкани сценарија оркестрирани во темни ходници“, упатувајќи директно прашање.
„За што се договориле Кренар Лога и Димитар Апасиев? Да ја продадат Струга? Да ги спречат промените? Или да го продолжат животот на корумпираната власт што владее веќе 20 години?“
И покрај сето тоа, од Вреди велат дека се уверени во исходот на изборите.
„Едно е сигурно: и покрај темните зделки и тајните договори, Менди Ќира ќе победи во Струга на 19 октомври. Волјата на граѓаните не може да се купи, не може да се заплаши и не може да се сопре со валкани политички игри“, порачуваат од Вреди.