„ТИКВЕШ“ СЛАВИ 140 ГОДИНИ ТРАДИЦИЈА Од Лепово до Франција, винаријата станува глобален вински бренд

Винарската визба „Тиквеш“ со јубилеј од 140 години го зацврстува статусот на регионален лидер, со инвестиции во премиум вина, одржлив развој и глобална препознатливост.

118

Винарската визба „Тиквеш“ оваа година слави голем јубилеј – 140 години организирано производство на вино и жестоки пијалаци. Јубилејот, велат од компанијата, е потврда за континуитетот на македонската винска традиција, но и симбол на модерната визија и лидерството што ја позиционира „Тиквеш“ како регионален лидер и глобално афирмиран бренд.

Во изминатите две децении, компанијата реализираше инвестиции од над 45 милиони евра, насочени кон модернизација, дигитализација и производство на вина со врвен квалитет. Само во 2024 година, извозот достигна 32,7 милиони евра, а повеќе од половина од приходите доаѓаат токму од странските пазари.






Фото: ВВ „Тиквеш“

„Она што го прави ‘Тиквеш’ уникатен е спојот на 140-годишната традиција со најсовремените светски трендови во енологијата и лозарството. Повеќе од еден век растеме заедно со нашите лозја, нашите луѓе, нашите партнери и потрошувачите, градејќи наследство втемелено во страст, посветеност и доверба“, велат од ВВ „Тиквеш“.

Во рамки на стратешката трансформација, винарницата воведе современи практики во лозјата, партнерираше со лозарите, а со отворањето на бутик-винарницата „Domaine Lepovo“ и аквизицијата на француската „Château de Gourdon“, дополнително го зацврсти интернационалниот карактер на брендот. Вината на „Тиквеш“ денес редовно освојуваат највисоки оценки и награди од реномирани светски вински експерти, меѓу кои и Роберт Паркер.

„Нашата визија за иднината е преку вложувања во обновливи извори на енергија и технологии за намалување на јаглеродниот отпечаток, воведување практики и дигитални решенија за прецизно лозарство, органско производство и заштитени географски ознаки, да бидеме двигател на промените и зелената трансформација на винската индустрија во регионот“, истакнуваат од „Тиквеш“.

Фото: ВВ „Тиквеш“

Во чест на 140-годишнината, компанијата организираше специјален гроздобер за претставници на медиумите во органски сертифицираните лозови насади на поседот Лепово. Гостите лично учествуваа во бербата на каберне совињон, се запознаа со современите агро-технички практики и дегустираа вина од ексклузивната серија „Domaine Lepovo“.

Со овој настан, „Тиквеш“ уште еднаш ја потврди својата врска со лозјето, изворот на секое добро вино, и ја спои македонската винска историја со глобалните трендови, градeјќи бренд кој е „Бескрајно твој“.

Поврзани содржини