„ДРИСЛА“ ЌЕ СТАНЕ МОДЕРНА ДЕПОНИЈА СО ФАБРИКА ЗА РЕЦИКЛИРАЊЕ НА ОТПАДОТ Мицкоски очекува пречки и за таа идеја ама вети дека ќе се бори за неа
Премиерот Мицкоски изјави дека решението за депонијата е во јавно приватно партнерство, откако ќе се објави јавен тендер со јасни критериуми.
Депонијата „Вардариште“ не ја создаде оваа Влада во изминатите 15 месеци. Тоа е создавано 35 години, а може и повеќе, ама ние ќе го решиме. Ќе ја средиме и депонијата „Дрисла“, ќе ја спакуваме и ќе личи на модерна европска депонија со фабрика, која ќе произведува енергија и ќе го произведува, складира и рециклира отпадот. Тоа го вети денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Гази Баба, каде изврши увид во градежни активности на неколку проекти.
Тоа, нагласи, ќе биде јавно приватно партнерство, со јавен тендер и со јасни критериуми.
– И еве уште од сега ви кажувам, повторно ќе има некои невладини, кои што ќе бидат против. Но мора да се издржи. Во животот нема идеални работи, мора да се борите. Борете се за она во што верувате. Јас верувам дека ова е исправно и ќе се борам – рече Мицкоски.
Оваа Влада, подвлече премиерот, за првпат ги уапси оние кои нелегално топат кабли во „Вардариште“ за да извадат бакар за да го продаваат. Тој очекува надминување на проблемот со палењето на депониите по денешниот координативен состанок.
– Не постои ад хок решение. Метанот кој што зрачи се пали со еден отпушок. Не треба многу да си креативен или диверзант, само со еден отпушок се пали и тоа ни го прават секој ден – рече Мицкоски осврнувајќи се на проблемот со кој деновиве се соочуваат скопјани.
Според него, не биле алармантни параметрите на штетни честички кои би го загрозиле здравјето на граѓаните.
– Нема зголемени такви параметри кои што се алармантни. Тоа е визуелно така, но кога се испитувани параметрите не се толку алармантни. Но лошо е тоа да се прави. И ќе се прави и има причина зошто се прави. Затоа го поставив прашањето – кому му одговара да се случува сега? Кога ќе дадете одговор на ова прашање ќе ви стане јасно кој и зошто го прави тоа – рече Мицкоски.
Тој забележа дека при секој обид за решавање на проблемот со депониите и изградба на регионални центри за складирање и преработка на отпадот се појавувале невладини организации и политичари кои реагирале зошто баш кај нив да се гради таков капацитет.
– Сите велиме не сакаме отпад, но отпад создаваме. Тој отпад треба негде да се одлага. Таму каде што треба да се одлага прво имаме невладини кои коментираат зошто баш кај нас да се одлага. Имаме политичари кои што мислат дека на дневна основа ќе добијат некој политички поен па ќе напаѓаат зошто баш кај нас да се одлага. Имаме трета група луѓе кои сѐ што ќе направи Владата велат не чини, а тоа е во суштина работа која е наследена од минатото – истакна Мицкоски.
Како пример го посочи проектот за изградба на фабрика за отпад во близина на Свети Николе, одлука донесена пред повеќе од една деценија.
– Парите се обезбедени и ги обезбедува Европската комисија со квалитет и услови како во Европа. Или попрецизно како што е депонијата во центарот на Виена, таква ќе биде и оваа. Повторно имаше некој кој беше против. Иста таква депонија е предвидена во Југозападниот регион во Новаци, во стариот коп на РЕК Битола, повторно имавме структура на луѓе кои велеа „не, ова не чини“. Имаме една таква во Гостивар за Полошкиот регион. Кога би се формирале овие легални депонии со фабрики за отпад, кои може да користат и за производство на електрична енергија, ние нема да имаме отпад – нагласи премиерот.