ДРЖАВАТА ЌЕ ПОМОГНЕ „МАКПРОГРЕС“ ДА СЕ ОБНОВИ Ристески ги повика граѓаните да купуваат нејзини производи
Директорот на компанијата Глигор Цветанов на средбата рече дека имаат сериозни штети од пожарите, но дека ниту еден од вработените од нивните капацитети нема да остане без работното место и плата.
Државата ќе направи се што е во нејзина можност за да го помогне опстанокот и обновувањето на компанијата „Макпрогрес“, изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески за време на посетата на фабриката во која во пожар изгореа еден производен погон со три модерни софистицирани автоматизирани линии и два магацина.
Директорот на компанијата Глигор Цветанов на средбата рече дека имаат сериозни штети од пожарите, но дека ниту еден од вработените од нивните капацитети нема да остане без работното место и плата.
Ристески рече дека ја поддржува иницијативата на Стопанската комора за кампања за зголемена продажба на производите на „Макпрогрес“ и ги повика граѓаните да се приклучат на оваа и сите останати иницијативи за поддршка на компанијата преку купување на нивните производи.
– Мораме да го поддржиме домашното производство и ваквите акции и апелите од коморите и јавноста на социјалните мрежи, уште еднаш ја покажаа солидарноста на нашите граѓани кои знаат да се обединат и да помогнат кога е најтешко. Ги повикувам сите граѓани заедно да помогнеме во опстанокот на оваа компанија, да купуваме производи од брендовите на „Макпрогрес“ со што ќе и помогнеме на компанијата и нејзините вработени – рече Ристески.
„Макпрогрес“ од Виница е основана пред 35 години. Во неа се вработени повеќе од 500 лица. Таа е една од најголемите во кондиторско-пекарската индустрија, со тоа што 75% од своето производството го извезува во 45 држави во светот.
Дел од брендовите на „Макпрогрес“ се производите „Винчини“, „Сончева Долина“, „Натура“, „Дониа“…