„ГИДИОНОВИОТ ЈАЗОЛ“, „НАРОДЕН ПРАТЕНИК“, „БЕЛИ НОЌИ“… Богат репертоар на фестивалот „Ристо Шишков“

Фестивалот годинава свечено е отворен на 8 септември – Денот на независноста, и ќе обедини претстави од Македонија, Србија, Бугарија и Италија.

58

Драмски театар со претставата „Гидионовиот јазол“ на 11 септември ќе учествува на 33. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ што годинава се одржува од 8 до 13 септември во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица. Од репертоарот на МНТ ќе се одиграат две претстави на 9 септември, „Народен пратеник“ од 20 часот и „Бели ноќи“ од 22 часот.

Фестивалот годинава свечено е отворен на 8 септември – Денот на независноста, и ќе обедини претстави од Македонија, Србија, Бугарија и Италија.






„Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски Попова е претстава работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург на претставата е Викторија Рангелова – Петровска.

Улогите ги играат актерите: Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Ања Митиќ и децата од Студиото за актерска игра „Прва проба“: Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски и Јоанис Далајоргос.

Режисерка Драгана Милошевски Попова во програмската белешка истакнува дека претставата „Гидионовиот јазол“ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството.

– На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, која се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, за уметноста, за одговорноста на наставниците и за родителите, за социјалните мрежи, за врсничкото насилство, за осаменоста, преку кои постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник – потенцира режисерката Милошевски Попова.

Авторката Џона Адамс е претставничка на новата генерација американски драмски автори. Таа е авторка на 20 драмски текстови во кои драмската структура ја гради преку исклучително јаки и богато нијансирани карактери и ги поставува во сложени меѓусебни психолошки ситуации. Друштвото на американските театарски критичари ѝ ја доделува наградата „Стајнберг“ (Steinberg Award) за делото „Гидионовиот јазол“.

Првата претстава на МНТ, „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, е во режија на Егон Савин. Режисерот не се потпира на драстична модернизација на текстот, туку суптилно ја истакнува безвременската траги(коми)чна вистина за политичката гнилост, како што ја претставил Нушиќ. Претставата е добитник на Специјалната Стериина награда за колективна актерска игра, а колективната енергија доаѓа до израз преку изведбите на Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.

Втората претстава, „Бели ноќи“, е камерна сценска адаптација според истоимениот роман на Фјодор Михајлович Достоевски, во адаптација и режија на Звездана Ангеловска. Копродукциски проект во кој настапуваат Ана Јовановска и Дамјан Цветановски. Приказната за Сонувачот и Настењка отвора прашања за соништата, љубовта и слободата – и за тоа дали луѓето имаат храброст да ги следат сопствените копнежи или се откажуваат во име на општествените норми.

Драмски театар Скопје вечерва во 20 часот со изведбата на претставата „Гидионовиот јазол“ на матичната сцена ја отвора сезоната.

 

Поврзани содржини