ЕУ тешко зборува со еден глас
Предлогот на Драги е радикален: тој смета дека ЕУ треба да стане повеќе како САД. Унијата треба да биде инспирирана од федералниот систем со држави и да ја зголеми интеграцијата меѓу земјите-членки.
Настојувањата ЕУ да покаже решителност и да зборува со „еден глас“ постојано наидуваат на тешкотии. Германија неодамна ја критикуваше изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за можноста за испраќање на европски трупи во Украина, при што германскиот министер за одбрана Борис Писториус нагласи дека Европската комисија нема надлежност за вакви воени прашања.
Урсула фон дер Лајен доби директен потсетник дека нема таков мандат, затоа што таа не е врховен командант на Европа и дека е „целосно погрешно“ јавно да се зборува за тоа во оваа фаза. Се разбира, познато е дека не е лесно да се дојде до заклучок околу тоа чиј збор има најголема тежина во ЕУ?
Европската унија во последните години се соочува со крупни потешкотии на глобален план. ЕУ повеќе не е глобална суперсила, смета Марио Драги, кој беше премиер на Италија и шеф на Европската централна банка, а денес важи за моќен глас кој заговара промени. Неговите мислења и сугестии редовно наидуваат на значаен одѕив.
ЕУ има криза на идентитетот. Во 2025 година стана јасно дека не е доволна само голема економија за Европа да се здобие со влијание. САД сѐ повеќе притискаат. Кина се заканува да ја уништи европската економија, а Русија, како што многумина во Европа се обидуваат да предупредат, се чини дека се подготвува да нападне. Додека Израел врши масакр во Газа, а САД го бомбардираат Иран, ЕУ само набљудува. Во исто време, популистичките партии кои се критични кон функционирањето на ЕУ растат и ја распарчуваат Унијата одвнатре.
Но тоа не значи дека на ЕУ повеќе не може да се смета. Тоа што се бара и што веќе не може да се одложува е токму едно поенергично и заеднички поефикасно дејствување.
Многумина не се подготвени да се согласат дека ЕУ се соочува со серизони проблеми во своето функционирање. Унијата потроши огромни суми за поддршка на Украина, но едвај ѝ е дозволено да учествува во своја иницијатива во мировните преговори. Кога американскиот претседател Доналд Трамп се заканува со царини, ЕУ ги прифаќа и се согласува со неговите барања, и едновремено се преправа дека всушност добила добар договор.
Сето тоа несомнено ги зголемува ризиците работите на таков начин да станат политички хаотични.
Предлогот на Драги е радикален: тој смета дека ЕУ треба да стане повеќе како САД. Унијата треба да биде инспирирана од федералниот систем со држави и да ја зголеми интеграцијата меѓу земјите-членки. На овој начин, може значително да ја зголеми својата продуктивност. Заедничките заеми и инвестиции се единствениот начин да се биде во чекор со трката за јакнење на одбранбените напори и за развојот на технологијата.
Драги, исто така, сака ЕУ да има поголемо влијание врз даноците и корпоративните правила. Денес ЕУ има слободно движење на капитал – но во теорија. Во пракса, различните правила во различни земји прават да биде непотребно скапо и тешко да се инвестира преку границите. Тој проблем се дефинира како „невидливи тарифи“.
Од ЕУ се очекува да покаже поголема подготвеност за акција, а што секако би влијаело за намалување на евроскептицизмот. Зголемената моќ за ЕУ не смее да им користи само на компаниите и на богатите инвеститори. Тоа мора да се случува под услови кои ќе бидат од полза на граѓаните. Ако продуктивноста на ЕУ се зголеми, би требало сите да ги делат придобивките.
Според најновото испитување на јавното мислење на Евробарометар, со цел да се рангираат принципите што се сметаат за најважни во однос на буџетот на ЕУ, на прво место европските граѓани во голем број ЕУ-членки ја потенцираат ефикасноста во реализацијата на утврдените заложби. Преку 75 проценти веруваат дека е „многу важно“ проектите финансирани од ЕУ да им користат на граѓаните. Потоа следуваат транспарентноста и флексибилноста за справување со непредвидени кризи.
Буџетскиот предлог на Комисијата е само почетна точка на процесот што се очекува да трае до крајот на 2027 година. Во текот на есента, владите на земјите-членки ќе разговараат за структурата и принципите на буџетот под водство на данското претседателство со ЕУ, но без ставање на конкретни бројки на преговарачката маса. Се очекува првото формално усогласување на заклучоците и ставовите да се одржи на самитот на ЕУ во декември годинава.
Потоа ќе следат преговори меѓу земјите-членки во Советот, каде што секоја земја, како и обично, има право на вето, а на крајот Европскиот парламент ќе мора да го одобри конечниот договор. Во секој случај, повеќе влади сметаат дека предложениот волумен на ЕУ-буџетот е премногу голем и дека треба да се намалат нето-придонесите на членките кои ја полнат заедничката европска буџетска каса.
Јазот меѓу граѓаните и владите, според испитувањето на Евробарометар, се продлабочува уште повеќе по прашањето како треба да се финансира буџетот. За да може да се стави фокусот на нови приоритети како што се одбраната, конкурентноста и поддршката за Украина без зголемување на членарините, Европската комисија предложи серија нови заеднички приходи, таканаречени сопствени ресурси. Тие вклучуваат приходи од тргување со јаглеродни емисии и даноци на тутун.
Но не е мал бројот на владите кои се противат ЕУ да добие нови видови извори на приходи за да ја намали својата зависност од директните придонеси од земјите-членки. Тоа секако јасно зборува дека ефикасноста и силата на „заедничкиот глас“ на ЕУ и понатаму тешко добива посилен ветар во едрата.
Марио Драги со своите предупредувања ѝ даде на Европа студен туш. Нешто што навистина се чувствува дека е и повеќе од потребно. Сега е до земјите-членки да дејствуваат. Поенергично и поефикасно. И можеби најпосле со ‒ еден глас.