ГЕРМАНСКИ РЕГУЛАТОР ЈА ТУЖИ КОМПАНИЈАТА МОНДЕЛЕЗ Ја намалила грамажата на чоколадите „Милка“ без да ја намали цената
Намалувањето е речиси незабележливо, па самото чоколадо е за милиметар потенко, со ист дизајн и пакување.
Германскиот регулатор за заштита на потрошувачите поднесе тужба против компанијата „Монделез“, во ккоја го обвинува дека го намалил пакувањето на чоколадните плочки „Милка“ од 100 на 90 грама, но не и нивната цена.
Регионалниот суд во Бремен потврди за медиумите дека тужбата ја поднело здружението за заштита на потрошувачите во Хамбург.
– Многу потрошувачи со години купуваат „Милка“ во исто пакување и претпоставуваат дека масата на производот не се променила. Тие се жртви на измама бидејќи повеќето варијации на чоколадото сега тежат само 90 грама, а нивната цена е иста или дури и повисока – изјави Армин Валет од здружението.
Намалувањето е речиси незабележливо, па самото чоколадо е за милиметар потенко, со ист дизајн и пакување. Новата маса е прикажана на предната страна од пакувањето, но во многу случаи е наведена со ситни букви и е замаглена на полиците во супермаркетите.
Регулаторот бара појасни етикети и предупредување до потрошувачите дека пакувањето е намалено за најмалку шест мерки пред промената.
„Монделез“ ги отфрли тврдењата на здружението, велејќи дека транспарентноста во комуникацијата со потрошувачите е нивен врвен приоритет.
– Новата тежина е јасно наведена на пакувањето на производот – изјави портпаролката на компанијата, додавајќи дека „Монделез“ ги информирал клиентите на социјалните медиуми и дека целосен преглед на големините и тежините на производите е достапен онлајн.
Компанијата немала избор и била принудена да ја промени грамажата поради повисоките трошоци во синџирот на снабдување и состојките – додаде портпаролката, истакнувајќи дека цените на какаото речиси се зголемиле тројно во изминатата година и достигнале рекордни нивоа.
Судот ќе му даде можност на „Монделез“ да одговори на тужбата пред да одлучи дали да свика рочиште.