ПРОФЕСОРОТ ГОРАН МАРКОВСКИ Е КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ НА „НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО“ Зелените политики и културата ќе бидат во неговиот фокус

Професорот Марковски, декан на Градежниот факултет, се претстави како независен кандидат, со јасна визија за модерен и хуман град, управуван со стручност и со интегритет.

1,072

Граѓанската платформа „Независни заедно“ денеска официјално ја објави кандидатурата на деканот на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професор д-р Горан Марковски, за градоначалник на Град Скопје на претстојните локални избори.

Промоцијата ја отвори Јана Белчева Андреевска, кандидатка за член на Советот на Град Скопје која истакна дека има шанса за промена по години гледање како се нижат проблеми, се губат и се запустуваат јавни простори и јавни објекти.






Професорот Марковски се претстави како независен кандидат, со јасна визија за модерен и хуман град, управуван со стручност и со интегритет.

– Скопје е во агонија. Му е потребна визија ослободена од корупција, култура наместо популизам, стандарди наместо импровизации. Оваа моја кандидатура е повик за заедничка борба за град кој ќе им служи на граѓаните, а не на тесни интереси – истакна Марковски.

Скопје се соочува со сериозни предизвици, додаде тој, загаденост, урбан хаос и изгубен идентитет и потребни се нови решенија кои ќе донесат надеж, особено за младите.

– Го започнувам овој пат од Камениот мост – симболот на поврзување и заедништво. Убеден сум дека со широка граѓанска поддршка можеме да изградиме град кој ќе биде вистински европски дом, место на кое ќе се гордеат сите скопјани – рече кандидатот за градоначалник.

Марковски рече дека дигитализацијата, зелените политики и културата ќе бидат во фокусот.

„Независни заедно“ е граѓанска платформа која ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку скопски општини -„Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“.

Поврзани содржини