СРБИН СИ ГО ЗАГУБИЛ ПАРИЧНИКОТ НА БЕНЗИНСКА ВО КУМАНОВО Македонец го пронашол и му го испратил на Закинтос
Вработениот на бензинската пумпа го пронашол паричникот и успеал преку Инстаграм да стапи во контакт со студентот. Му порачал дека документите и парите се кај него и дека може да ги подигне кога ќе му одговара.
Патувањето од Белград до Закинтос за еден студент од Србија за малку ќе се претвореше во вистински кошмар.
Младиот белграѓанец тргнал со автобус кон грчкиот остров за да летува со пријателите, но набрзо открил дека му го нема паричникот. Го изгубил на бензинска пумпа кај Куманово, а тоа го сфатил дури откако автобусот веќе влегол во Грција. Враќање назад – невозможно.
„Мојот син тргна со автобус за Закинтос преку агенција, како што најчесто прават студентите. На една пумпа во Македонија имале пауза. Дури кога пристигнале во Грција забележал дека му го нема паричникот со картиците и малку пари“, раскажува мајката за српски Телеграф.
Момчето веднаш ги блокирало платежните картички и веќе се помирило со тоа дека од парите нема ништо. Но, приказната доби пресврт што никој не го очекуваше.
Вработениот на бензинската пумпа го пронашол паричникот и успеал преку Инстаграм да стапи во контакт со студентот. Му порачал дека документите и парите се кај него и дека може да ги подигне кога ќе му одговара.
Во договор со туристичките групи, Македонецот се погрижил паричникот да биде испратен во Закинтос со следната тура патници, кои повторно направиле пауза на истата пумпа. Туристичкиот водич го презел и му го предал паричникот на студентот.
„Еден стресен настан заврши на најдобар можен начин. Сè во паричникот беше недопрено“, додава мајката.
Семејството симболично го наградило чесниот пронаоѓач, а одлучија и јавно да му се заблагодарат за неговиот гест, надевајќи се дека вакви примери ќе ги охрабрат и другите.
„Во море од лоши вести, оваа е една навистина прекрасна приказна“, заклучува мајката.