УКРАИНЕЦ ОСОМНИЧЕН ЗА САБОТАЖА НА „СЕВЕРЕН ТЕК“ Го уапсиле во Италија, сега чека екстрадиција во Германија

Украинец уапсен во Италија, осомничен за координација на саботажа на „Северен тек“ во 2022 година.

287

Италијанската полиција уапси Украинец осомничен за учество во саботажа на гасоводот „Северен тек“ што се случи во септември 2022 година, соопштија денеска германските обвинители. Осомничениот е обвинет за предизвикување експлозивна детонација и за противуставна саботажа, а според обвинителството од Карлсруе, тој можеби бил еден од координаторите на операцијата.

Обвинителството истакнува дека осомничениот е дел од група лица кои поставиле експлозивни направи на „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ во близина на данскиот остров Борнхолм во Балтичкото Море пред околу три години. Експлозиите предизвикаа оштетување на гасоводите и протекување на гас во повеќе делници.






„Обвинетиот веројатно бил еден од координаторите на операцијата“, изјавија од канцеларијата на федералниот обвинител, додавајќи дека неговото апсење во покраината Римини, Италија, било извршено преку ноќ и дека тој ќе биде екстрадиран во Германија.

Гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ водат од Русија до Германија преку Балтичкото Море. Првиот се користеше за снабдување на Германија со руски гас, додека вториот никогаш не беше ставен во употреба по инвазијата на Москва врз Украина. Експлозиите предизвикаа значителни оштетувања и откривање на протекувања во три од четирите делници на гасоводот.

– Случајот е исклучително сериозен, не само поради економската штета, туку и поради потенцијалниот ризик за безбедноста на енергетската инфраструктура – додадоа обвинителите, нагласувајќи дека истрагата продолжува.

Поврзани содржини