КРАЈ НА БЕТОНИЗАЦИЈАТА И ПОВЕЌЕ ПРОСТОР ЗА ЛУЃЕТО Сотир Лукровски најавува безбеден и зелен Карпош
Програмата на кандидатот за градоначалник на Карпош, Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ, опфаќа ревизија на урбанистичките планови, повеќе зеленило и чиста животна средина, зголемена безбедност и дигитализација на општинските услуги. Во план е изградба на велосипедски патеки, поддршка за спортот и културата, како и нови инвестиции во образованието и градинките. Целта, како што истакнува Лукровски, е Карпош да стане пример за модерна, уредена и најпосакувана општина.
Кандидатот за градоначалник на општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, денеска на работен појадок со новинарите го претстави својот проектен план со кој, како што вели, сака да ја врати душата, редот и гордоста на карпошани.
Во програмата се опфатени 12 приоритетни области што, според него, се клучни за подобар квалитет на живеење и вистинска урбана промена.
Најавено е стопирање на „бетонизацијата“ со ревизија на сите детални урбанистички планови што се спротивни на јавниот интерес, а во таа насока и изработка на нови, ревидирани ДУП-ови. Во делот на хигиената ветува почиста општина, со поставување нови контејнери, редовно собирање отпад и почисти улици.
Лукровски најави и засадување повеќе дрвја, уредување паркови, поставување системи за наводнување и нов туристичко-рекреативен проект на падините на Водно со пешачки патеки и летниковци.
Во програмата е нагласено дека безбедноста ќе биде еден од врвните приоритети, со зголемено полициско присуство во критични термини, видео надзор и посебни образовни програми за сообраќајна култура во училиштата. За решавање на сообраќајниот метеж се предвидува изградба на монтажни катни гаражи, воведување „зелени бранови“ за возилата, како и безбедни пешачки премини.
Во делот на дигитализацијата, Лукровски најави дека до 80% од општинските услуги ќе станат достапни онлајн, а за станарите во колективните згради се планираат субвенции за обновување на лифтови и фасади. Програмата предвидува и изградба на нови велосипедски патеки, 500 паркинг места за велосипеди на јавни простори, како и субвенции за електрични тротинети и велосипеди.
Културниот живот, според планот, ќе биде збогатен со концерти, театарски претстави, стенд-ап настапи и мурали во секое маало. Во спортот се предвидува поголема финансиска поддршка за постојните клубови, нови стимулации за младинските екипи и отворање забавен парк со картинг патека.
Во образованието се ветува униформирање на сите основни училишта, изградба на 2.000 нови места во градинките и обновување на училишните објекти според посебен план. Посебно внимание е посветено и на развој на нова зона покрај Вардар – Кејот, кој би добил спортски, социјални и економски содржини на двете страни од реката.
– Јас не ветувам невозможни работи – туку секојдневна работа, близок контакт со граѓаните и тимска посветеност за реални резултати. Сакам Карпош да стане најпосакувана општина, општина за пример – изјави Лукровски, додавајќи дека главната цел е да се врати редот, гордоста и заедништвото меѓу жителите на Карпош.
