МОМЧЕ СО МАЧЕТА НАПАДНАЛО ПОЛИЦАЕЦ ВО СРБИЈА Го бодело по рацете и по стомакот
Полицаецот завршил со тешки исеченици и рани на повеќе делови од телото, па поради сериозноста на повредите ќе биде пренесен во Белград, а лекарите не ја исклучуваат можноста за ампутација на раката.
Момче е осомничено за обид за убиство на полицаец во Србија, кој во тој момент не бил на должност, објави Мондо.
Сè се случило во паркот во градот Мионица, ноќеска околу 1 часот, кога првин дошло до тепачка меѓу двајцата мажи, по што 22-годишното момче, најверојатно со мачета, му нанело повеќе повреди на 31-годишниот полицаец по рацете и по стомакот. Полицаецот работи во Единицата за обезбедување личности и објекти.
Тој завршил со тешки телесни повреди и по укажаната помош во Ургентниот центар во Ваљево бил префрлен во Белград на понатамошно лекување.
– Полицаецот М.Ѓ. добил отворени рани на десната подлактица, исеченици на зглобот на левата рака, на предниот дел од стомакот, на левата надлактица и исеченици на главата над левото уво. Поради сериозноста на повредите М.Ѓ. ќе биде транспортиран во Белград – објаснува извор и додава дека засега повредената рака не му е ампутирана, но дека постои таква можност.
На момчето А.Т. му е одредено полициско задржување до 48 часа.