„РУСИЈА МЕРКА ТЕРИТОРИИ ШТО СЀ УШТЕ НЕ ГИ ОСВОИЛА“ Американците погрешно го перцепираат Путин, вели Џеј Ди Венс
Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, истакна дека суштината на преговорите е во можната средба меѓу руските и украинските лидери, при што Украина бара безбедносни гаранции, а Русија територијални придобивки.
Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека преговорите за завршување на војната на Русија во Украина се фокусирани на безбедносни гаранции за Украина и на територија што Русија сака да ја контролира – вклучувајќи украинска територија што воопшто не ја окупира, додека САД се обидуваат да посредуваат во мировен договор меѓу двете земји, објави Блумберг.
– Навистина има 2 големи прашања кои сè уште висат во воздухот и некако тоа е многу едноставно, а на некој начин многу сложено. Првин, Украина сака да знае дека Русија повторно нема да ја нападне. Сака да знае дека ќе има територијален интегритет и во иднина. Русите сакаат одредени делови од територијата, најголем дел од кои веќе ги окупирале, но некои сè уште не – изјави Венс во интервју во средата за Лора Инграхам на „Фокс њуз“.
Претседателот Доналд Трамп го засилува притисокот за да ја заврши руската војна против Украина која сега е во четвртата година. Минатата недела Трамп одржа самит на Алјаска со рускиот претседател Владимир Путин, а во понеделникот имаше разговори во Белата куќа со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со европски сојузници.
Венс рече дека смета оти средба меѓу руските и украинските лидери би можела да помогне во придвижување на преговорите напред кон нивните цели.
– Токму таму е суштината на преговорите. Украинците сакаат безбедносни гаранции. Русите сакаат одредено количество територија – рече Венс.
САД работат на организирање на таа билатерална средба, но време и место сè уште не се одредени. Трамп изјави дека ако таа средба помине добро, ќе се разгледа можност за трилатерален самит со Путин и со Зеленски.
Венс ѝ кажа на Инграхам дека со Путин разговарал по телефон повеќепати и го опиша како „помалку гласен одошто би се очекувало“.
– Американските медиуми имаат одредена слика за него. Тој е многу промислен. Многу внимателен – рече Венс.