Идиократија како демократија
Демократија може да постои само ако постои држава, со почитување на Устав и закони и со функционален апарат и систем на вредности. Сѐ друго е заебанција или – имитација на држава.
Демократијата (како постар поим) и постмодерната (како помлад), како да биле измислени за оваа генерација Македонци/ки. Не знам како порано, на пример во социјализмот, не им придававме толкаво значење, а сега не знаеме што би правеле без нивната сеприсутност. Би побудалеле, барем некои од нас – ако веќе не с(м)е! – без оваа идиократска јавност којашто многумина милуваат да ја прекрстуваат во демократија и оваа лажливост и мимикрија што некои ни ја подметнуваат како современо постмодерно општество. Ништо од тоа не е реално, па ни божемнион симулакрум, зашто ние сме – симулакрум на симулакрумот!
Во којшто секој проповеда свои демократски „принципи“, промовира вредности и толкувачи на истите, провинцијалци ни кажуваат што е градска култура а политиканти говорат за политика, почнавме – поточно: почнаа! – и говорот на омраза да го препродаваат во во опаковка на постмодерен Шекспир, Толстој, Милери и останата ситна боранија… И секоја шушумига смета дека има право да ни држи лекции дека сме „беда и јад“, затоа што сме немале „желба за подобар и подостоинствен живот“, ниту амбиција да се избориме за сопствената иднина.
Па што беше онаа 2016 година и т.н. „Шарена револуција“? Не беше ли „желба за подобар и подостоинствен живот“ и амбиција да се избориме за сопствената иднина? И нели набргу тоа се претвори во криминално-коруптивна анархија на истите оние кои требаа да ни ги донесат достоинството и подобрата иднина? А наместо тоа ни заседнаа врз грбот цели седум години? И како преку ноќ се загуби во реторичката магла „прогресивниот“ правец на „водачите“ а никнаа безумието, неспособноста, крадците и лажговците?
И оние кои вешто ги прикриваа, оној булук „професорчиња“, „новинарчиња“, интелектуални џуџиња и нивните семејства, преплатени со стотици илјади евра од државниот буџет и престижни државни позиции небаре се македонски Кисинџери? А испаднаа – што? Гола вода, политиканти и блефери, крадци и лажливци со знајни и незнајни бизниси, некои во Дубаи, други со јахти на Халкидики, за трети допрва ќе слушаме…! Такви ли ќе ни обезбедат „подобар и подостоинствен живот“?
А сето тоа се случува(ше) бидејќи државата, да простите, се разнебити долж и попреку од „желби“ и „амбиции“ на крадци и неспособни поединци, распука системот по сите шевови па сега некој мора да го крпи додека другине гледаат сеир и ломотат глупости во јавноста. Тие и слични шутраци наместо демократија воведоа приватна држава па сега плачат зошто таа не функционира! И зошто некој сака да ја укине.
Демократија може да постои само ако постои држава, со почитување на Устав и закони и со функционален апарат и систем на вредности. Сѐ друго е заебанција или – имитација на држава. Во приватните држави законите не важат за сите исто, секоја будала воведува свои критериуми, се множат Гогољи, Милери и по некој Буковски…, а „беда и јад“ се именки со кои се означуваат сите оние кои не припаѓаат на повластените „прогресивци“.
Затоа и денес, само една година подоцна, државата одвај се гледа тук-таму, како да ѕирка низ тараби, не знае како да реагира. Секако, мислам на оваа власт која некако срамежливо чекори мислејќи дека има време, дека делови од системот можат да чекаат или дека самите ќе се регенерираат. Ама не е така, тоа нема да се случи, а сѐ уште активните мегафони на претходнине криминалци и понатаму ечат низ јавниот простор и сеат смут со нивните глупости. Коишто одамна не се само глупости.
Секоја нормална држава досега ќе реагираше на соодветен начин. Без страв (иако дел од глупостите се пласирани како очигледна провокација), без пардон (зашто не е само национализмот говор на омраза), без задршки (дека, демек, одбраната на државата е несвојствена за вистинската демократија)!
Токму затоа во јавноста имаме идиократија а не демократија, демагогија наместо рационализам, славење на криминалот и криминалците наместо решителни одговори на државата итн.
Затоа, ако лорд Вални (John Zak Woodcock) – независен советник за политичко нарушување и насилство на Владата на Обединетото Кралство – вели дека ОК, па и еу (малите букви се…), се на „крстосницата на демократијата“, што ли ние би требале да кажеме кога не сме ни започнале да ја практикуваме демократијата? Поточно, знаеме што и како велат оние „прогресивнине“, но не знаеме што вели државата. Оваа, сега и тука! Зашто, само делата се соодветен одговор на важните прашања, а ако нив ги нема значи нема ни одговор, нели!?
Поточно, континуираното запаѓање во бесплодни „идеолошки“ дискусии и докажувања одамна се покажа како јалова работа. И со кого би воделе идеолошки реасправи: со Филипче, со Заев, со разноразни ситни и крупни криминалци, со екс општествено-политички неработници, со мразачи и ксенофоби?
Кому впрочем му служат овие јалови секојдневни прозивки за тоа кој од менторите на бившата власт со колку стотици илјади евра бил награден ако тоа нема соодветна завршница односно одговор од правната држава? Или кој, како и зошто бил честен со престижни државни позици, амбасадорски места и слично? Таквиот „политички активизам“ беше правило во изминатите седум години, но – кој и каков е одговорот на власта? Ако нема одговор, ако сето тоа било „легално“, тогаш официјализирањето на таквите информации не е подалеку од сличниот говор на омраза што го практикуваат поединци од тоа време.
А таквиот „политички активизам“ трае и денес на социјалните мрежи и дигиталните платформи коишто на истите им служат како мегафони за десеминација на нивните антидржавни ставови. Затоа и спомнатиот лорд Вални вели дека правото на искажување несогласување многу често е киднапирано – а ние сме речит пример за тоа – од секакви „мудреци“, политиканти, навивачи и простаци кои јавниот, па и политичкиот простор, го претвораат во зона на плукање во височина и сеење омраза кон сѐ што е од другата страна на фронтот! И тоа нема ама баш никаква врска со слободата на говор!
Зашто, тенка е – ако воопшто постои – линијата на говорот на омраза од типот на албанофобија или македонофобија, антисемитизам и флоскулата „српски свет“ и распирувањето на србофобијата од страна на разноразни шутраци, од придавки од секаков гнасен тип за новите носители на власта итн.
Ако кон ова се додадат оние изблици на „мирни протести“, блокирање на улици и институции, неслободни односно партиски заробени медиуми…, тогаш и кај нас станува разбирливо укажувањето на Вални дека „либералните демократии можат да бидат уништени“ уште пред да се случат. Што нам ни се случува уште од онаа 1992 година!
Токму затоа државата, односно сега оваа власт, имаат дотолку поголема обврска да се справат со растечката пролиферација на говор на омраза од секаков тип, на непристрасно аргументирано кривично гонење наместо дефамација низ медиумите, на конечна реформа на правосудството како витален субјект во борбата со криминалот во сите негови современи форми и др.
Тоа едновремено значи и зачувување на легалитетот на вољата на граѓаните кои им го дале својот глас на демократски избори. Едновремено, токму власта/државата е таа што мора да го заштити граѓанинот од корозивниот ефект на говорот на омраза. Зашто, имено, кое е и какво е тоа право да се навредуваат граѓаните Македонци и да се споредуваат со – фекалии? Или и власта мисли дека тоа е книжевно творештво, интелектуален исказ, слобода на говор? Поточно: ги разбира ли новата власт предизвиците што стојат пред неа и што од неа очекува граѓанинот?
Но сето ова што стои како обврска пред државата, се однесува и на поединецот, граѓанинот. Не во иста мера бидејќи тој ги нема неопходните инструменти односно механизми за реакција, но го има највожното – рационалниот ум којшто може да селектира кој е кој и што е што. Ако тоа досега не умеел да го направи, тогаш иднината навистина не ни е розова.
Зашто сега и овде веќе нема простор за неутралност, за глумење рамнодушна публика падната од некоја друга планета. Ако јавноста конечно не разбра дека сето ова што денес ѝ се случува е директен резултат од изминатите катастрофални седум години, но и годините пред нив, ако не разбра дека оваа воспалена „пајтон интелигенција“ ги полнела и ги полни џебовите на нејзина сметка, ако не разбра дека некој (повторно) со сила сака да направи упад во државата…, тогаш ништо не разбрала. И тогаш ни нема спас!
Извор: Теодосиевски уметност