„СДСМ ГИ ОСТАВИ ГРАЃАНИТЕ СО 150 ДЕНАРИ НА ДЕН“ Жестока офанзива на ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ за економски колапс во нивното време, тврдејќи дека сегашната власт донела раст на платите, зголемени пензии и рекорден прилив на странски инвестиции.
ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на изјавите на СДСМ за економските политики на Владата, обвинувајќи ја опозицијата за лицемерие и потсетувајќи на состојбата во која, според нив, ја оставиле државата.
„Кога СДСМ зборува за економија, треба да ги потсетиме дека тие ја доведоа државата на раб на банкрот. Платите стагнираа, пензионерите секојдневно протестираа, а јавниот долг достигна историски највисоки 60%“, стои во соопштението од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека инвестиции како „Фејсбук“, „Гугл“ и стаза за Формула 1 останале само во „фантазијата на Заев и Филипче“. Тие бараат од поранешните функционери да одговорат од каде им се средствата за, како што тврдат, висококатници во Дубаи, акции во индиска авиокомпанија и јахти вредни околу еден милион евра.
„Ако граѓаните живееле тешко, како тогаш Заев и Филипче со министерски и премиерски плати успеале да купат јахти, акции и облакодери низ светот?“, прашуваат од владејачката партија.
Во однос на сегашните резултати, ВМРО-ДПМНЕ наведува зголемување на пензиите за 7.000 денари, раст на платите во повеќе сектори, нова мерка за училишен прибор што ќе заштеди од 800 до 2.000 денари по семејство, како и стабилна цена на струјата во последните 12 месеци.
„Се направени инвестиции од 1,5 милијарди евра во енергетиката, што значи отворање на нови работни места. Македонија е четврта во Европа по раст на БДП во првиот квартал и шеста во светот по привлекување на странски инвестиции“, нагласуваат од партијата.
„Ова се резултатите на чесно и транспарентно работење. Фактите говорат за раст, развој и искрена грижа за граѓаните“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.