ФУДБАЛСКИ СКАНДАЛ ЈА ТРЕСЕ МАКЕДОНИЈА Претседателот на „Башкими“ дал 10.000 евра за „Кожуф“ да загуби

МВР и ОЈО Гевгелија открија организирано местење на натпревар во Втората лига. Поднесена кривична пријава против седум лица поради местење на натпреварот помеѓу ФК „Кожуф“ од Гевгелија и ФК „Башкими“ од Куманово, одигран на 6 мај 2025 година во Гевгелија.

1,478

Сериозен скандал го потресе македонскиот фудбал откако Министерството за внатрешни работи соопшти дека поднело кривична пријава против седум лица поради местење на натпреварот помеѓу ФК „Кожуф“ од Гевгелија и ФК „Башкими“ од Куманово, одигран на 6 мај 2025 година во Гевгелија.

Полициската акција е спроведена по наредба на Основен суд Гевгелија, а претходно биле обезбедени информации и докази од предистражната постапка. При претрес на две локации кај спортскиот директор на „Кожуф“ биле пронајдени дополнителни траги кои го потврдиле сомнежот за вмешаност во наместен резултат.






Според истрагата, претседателот на „Башкими“ со цел неговиот клуб да обезбеди пласман во Првата македонска фудбалска лига или да стигне до бараж, организирал состанок на кој бил присутен и спортскиот директор на „Кожуф“. На средбата, преку посредство на еден од фудбалерите, била договорена исплата на паричен износ од 10.000 евра како награда за запоставување на интересите на гевгелискиот клуб и на Фудбалската федерација на Македонија, која го организирала натпреварот.

По прифаќањето на договорот, спортскиот директор преку тренерот влијаел врз неколку играчи кои, според наводите, свесно не дале максимум на теренот. Така, натпреварот завршил со резултат 1:2 во корист на „Башкими“, што им донело три клучни бода и пласман на третото место во Втората македонска лига, позиција која им овозможила да се борат во бараж за Прва лига.

Еден од осомничените е лишен од слобода и спроведен во Основното јавно обвинителство Гевгелија, каде што ќе се обезбедат дополнителни докази за понатамошна постапка. МВР најави дека истрагата продолжува и не исклучи можност за нови пријави доколку се утврди дека има други инволвирани лица во случајот.

ГОЛЕМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ВО ГЕВГЕЛИЈА Фудбалери, тренер и раководители осомничени за местење натпревар

Поврзани содржини