НЕМА ПОВИСОКИ ПЕНЗИИ ЗА 12.000 ПЕНЗИОНЕРИ ШТО ЖИВЕАТ ВО СТРАНСТВО Три иницијативи пред Уставниот суд ќе ја исправаат неправдата

Уставниот суд ќе ја оценува уставноста и законитоста на измените на Законот за пензиското и инвалидско осигурувања, според кои пензионерите кои живеат во странство не го добија покачувањето од 2.500 денари од март оваа година, а нема да ги добијат ниту најавените покачувања од по 1.000 денари во септември 2025 и во март 2026 година.

1,987

Уставниот суд отвори предмет за измените на Законот за пензиското и инвалидско осигурување, според кои пензионерите кои живеат во странство не го добија покачувањето од 2.500 денари од март оваа година, а нема да ги добијат ниту најавените покачувања од по 1.000 денари во септември 2025 и во март 2026 година. Во Уставниот суд пристигнале 3 иницијативи против оваа законска измена во кои таа се оценува како неуставна и дискриминаторска.

Една иницијатива е поднесена од Љубомир Сандевски, во која тој наведува дека со оспорените измени се врши дискриминација и трајно финансиско оштетување на осигурениците на Фондот на ПИОМ кои се државјани на Македонија и на кои пензиите им се исплаќаат надвор од државата, бидејќи нема да го добиваат редовното усогласување на пензиите во иднина, вклучително и усогласувањето на пензиите од март 2025 година.






„Се наведува дека државата го ускратува стекнатото право. Своеволно без уставна надлежност Собранието ги донело измените кои прават дискриминација и категоризација на пензионери кои пензиите ги примаат во Македонија и пензионери кои живеат надвор од државата, без да се земе предвид фактот дека пензиите се стекнати врз основа на придонесите кои ги уплаќале во текот на работниот век, а не според географската локација каде што ги примаат пензиите“, соопшти Уставниот суд.

Втората иницијатива е од Илија Ивановски, кој го оспорува делот од законските измени во кои е наведено „на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија“.

„Подносителот на иницијативата тврди дека измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување произведуваат нееднаквост и дискриминација на пензионерите кои ја примаат пензијата надвор од државата“, соопшти Уставниот суд.

Третата иницијатва е од Темелко Ристевски. Судот објаснува дека во оваа иницијатива оспорен е член 1 од законските измени, во делот „во член 37 став 1 по зборот врши се додаваат зборовите: на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија”.

„Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорените делови се повредени членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 27 став 2, членот 35 став 1 и членот 51 од Уставот. Се тврди дека со додадените одредби се создава нееднаквост меѓу пензионерите, бидејќи иако имаат ист статус на пензионери, сепак се оневозможува усогласувањето да се применува за сите поеднакво. Подносителот тврди дека на овој начин индиректно се ограничува слободата на движење на околу 12.000 пензионери, како едно од уставно гарантирани права“, соопшти Уставниот суд.

Од Фондот за пензиско осигурување на Македонија објаснуваат дека тие ги исплаќаат пензиите онака како што предвидува Законот. Објаснуваат дека пензионерите што живеат во странство и на кои македонските пензии им се исплаќаат во странство го добиле првото покачување од 2.500 денари од септември 2024 година. Законските измени не предвиделе да го добијат и второто покачување од 2.500 денари во април 2025 година, како и следните две покачувања од по 1.000 денари во септември 2025 и во март 2026 година. Од Фондот додаваат дека тие ќе ги почитуваат одлуките на надлежните институции и ќе ги исплаќаат пензиите според законските решенија.

Поврзани содржини