ЈАХТАТА „РИВА“ Е НА ЗАЕВ И ЧИНИ 850.000 ЕВРА?! Лефков го повика Филипче да одговори како е купено луксузното пловило
Беспредметни се лицемерието и лажното душегрижништво од СДСМ кога нивниот сегашен и поранешен претседател за неколку часа пловење со јахтата трошат една просечна плата само за гориво, вели пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Дали јахтата на која плови Венко Филипче е на Зоран Заев и дали чини 850.000 евра, праша денеска пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
– Венко Филипче да не се крие и да одговори дали јахтата со која крстари по Егејското Море е на Заев и е од марката „Рива“? Дали истата ја купил 850.000 евра? И на која фирма ја регистрирал – рече Лефков на прес-конференција во партиското седиште.
Венко Филипче, додаде тој, да го праша Заев како е купена јахтата и дали се употребени пари од државни тендери?
– Филипче да им каже и на неговите во партија дека додека тие држат прес-конференции за сиромаштија тој ужива во раскошот на најдобрите пловила на светот, што ретко кој претприемач и бизнисмен од Македонија и регионот може да си го дозволи, а за лекар воопшто не станува збор. Беспредметни се лицемерието и лажното душегрижништво од СДСМ кога нивниот сегашен и поранешен претседател за неколку часа пловење со јахтата трошат една просечна плата само за гориво. И кога следен пат од СДСМ ќе се загрижат за народот или ќе лажат како тешко се живее, нека му се јават на Филипче да го прашаат каде е, да не излезе некоја фотографија од приватен авион – рече пратеникот Лефков.
