ПРЕИСПИТУВАЊАТА НА ДВАЈЦАТА УМЕТНИЦИ Тони Попов и Никола Пијанманов со заедничка изложба во Демир Хисар

Двајцата уметници ја користат ликовната уметност како средство за длабоко размислување, но нивните перспективи се различни: автопортретите на Тони Попов нѐ вовлекуваат во интимниот свет на уметникот, додека делата на Никола Пијанманов отвораат можност за согледување на нашите заеднички искуства. Нивните дела ќе бидат изложени на заедничка изложба насловена како „Преиспитувања“, од 15 до 22 август во Културен дом, Суводол, Демир Хисар.

84

– Преиспитувањето, во својата суштина е чин на пауза и повторно разгледување – момент кога поединецот свесно се соочува со сопствените мисли и чувства за да дојде до подлабоко разбирање. Во контекст на уметноста и уметничката креација, на преиспитувањето може да му се пристапи како на процес кој има двојна улога, на внатрешен импулс и пренесено искуство – вели организаторот на ликовната изложба „Преиспитувања“,  Јасмина Котевска од Центарот за креативни индустрии – НЕБО.

Изложбата на двајцата уметници, Тони Попов и Никола Пијанманов ќе биде отворена од 15 до 22 август во Културниот дом во село Суводол, Демир Хисар, во рамките на културната манифестација „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста“ која годинава се одржува по четврти пат.






Оваа културна манифестација не е интересна само поради тоа што е автентичен обид за иницирање и развој на независна културна сцена надвор од урбаните центри, туку и по тоа што посветува и особено внимание на маргинализираните групи, вклучувајќи ги и штитениците од Психијатриската болница во Демир Хисар.

Оттука и изложбата „Преиспитувања“ одлично се вклопува во програмата и претставува визуелна антологија на универзалните човекови искуства, во која уметниците преку својот сликарски јазик раскажуваат за универзалноста и кревкоста на човековите искуства и во своето сликарство го обработуваат мотивот на длабоките човечки искуства или психолошко-емотивни состојби.
Главниот наратив на изложбата е преиспитувањето, доловено од позиција на посматрач на надворешната манифестација на психолошките состојби кај човекот (Пијанманов) и состојбите на личното преиспитување и потрагата по автентичното во комплексноста на сопствената мисла (Попов). Едниот се фокусира на автопортретот како инструмент за лична саморефлексија, додека другиот се занимава со теми кои опфаќаат универзални човекови искуства.
Двајцата уметници кои ја сочинуваат оваа изложба ја делат потребата да навлезат под површината на секојдневието – во темната, често нејасна и понекогаш застрашувачка, но, бескрајно значајна област – внатрешниот свет на индивидуата, притоа изразувајќи ги преку автентичен ликовен јазик спознајните состојби, кои не само што се гледаат, туку и се чувствуваат.
Тони Попов го користи автопортетот како поле каде што се пресликуваат не само неговите надворешни физионимски црти, туку и неговите внатрешни борби, сомнежи и себепреиспитувања. Експресивни по колорит и сликарски потег, неговите автопортети се дијалог на уметникот со себе и ја прикажуваат сложеноста на човековата психа укажувајќи на борбата помеѓу себеси и сопствените стравовови, желби и неизвесности.
Од друга страна, Никола Пијанманов својот интерес го насочува кон универзалните човечки искуства како страв, болка, трагање по смислата. Преку боја, форма и композиција, неговите слики говорат за заедничката (колективна) човечка судбина и го повикуваат гледачот на преиспитување на сопствените искуства, каде преиспитувањето се претвора во колективен процес, спојувајќи го индивидуалното со општото.

Манифестацијата „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста“ започна со прикажување на театарската претстава „Синиот портокал“, а во рамки на програмата беа организирани и неколку работилници (работилница за креативно пишување под менторство на поетот Митко Гогов и визуелна работилница за цијанотипија со фотографот Иван Алушевски – долгогодишен соработник на манифестацијата).

Во рамките на манифестацијата има и посебна програмска активност посветена на штитениците од Психијатриската болница во Демир Хисар – па така се случи и музичката терапија под водство на музичарите Сашко Костов и Славчо Коцев, членови на здружението АРТ ГЕНЕРАТОР од Велес.

Како завршен настан, предвидена е премиерна проекција на документарниот филм „Железната тврдина – Демир Хисар“ од реномираниот македонски режисер Митко Панов. Филмот е снимен токму во Демир Хисар и претставува спој на документарна и уметничка визија, во кој покрај професионални актери како Игор Џамбазов и Синоличка Трпкова, учествуваат и локални жители, странски актери, членови на ЦКИ-НЕБО и штитеници од Психијатриската болница, кои се вклучени и како актери и како сценаристи.

Поврзани содржини