КРЕВАЛ ЏЕВА СО ЛАМБОРЏИНИ, ПА ОСТАНА БЕЗ НЕГО Полицијата му го конфискуваше возилото на 21-годишник

Полицијата во два дена одзеде четири возила, следува технички преглед и поднесоци.

3,078

Во рамки на засилените сообраќајни контроли, струшката полиција во само два дена одзеде вкупно четири патнички моторни возила поради предизвикување голема бучавост, а едно од нив е луксузно возило Ламборџини со германски таблици.

Како што информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, возилата се одземени на 1 и 2 август, а денеска ќе бидат испратени на вонреден технички преглед, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.






– На 1 август во 21 часот, на улицата 15 корпус во Струга, сопрено е патничко возило БМВ со швајцарски национални ознаки, управувано од К.Ш. (22) од Струга, со престој во Швајцарија. Возилото е одземено поради сомнеж за техничка неисправност, односно предизвикување голема бучава – вели Димоски.

Истиот ден е одземено и возило Ауди со струмички регистарски ознаки, управувано од М.Р. (26), македонски државјанин со престој во Холандија, исто така поради бучава.

Дополнително, во Струга бил сопрен и трет автомобил БМВ со струшки регистарски таблици, управуван од Б.А. (45) од село Радолишта. Кај него, освен бучавата, било констатирано и дека сообраќајните документи на возилото се со непродолжена важност.

Највпечатливата интервенција се случила на 2 август, 30 минути по полноќ, кога полицијата на улицата Партизанска запрела возило Ламборџини со германски национални ознаки, управувано од А.А. (21) од Струга, кој привремено работи во Германија.

– И за ова возило постои сомнеж за техничка неисправност поради предизвикување голема бучава. Возилото е одземено и ќе биде испратено на вонреден технички преглед – потврди Димоски.

Струшката полиција најави дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период, со посебен акцент на бучавост, возење без документи, брзо возење и други ризични нарушувања на јавниот ред на патиштата.

Поврзани содржини