ИЗРАЕЛСКИТЕ ЗАЛОЖНИЦИ СЕ ГЛАДНИ И СКРИЕНИ ВО ТУНЕЛИ Хамас бара услови за да пушти Црвен крст

По објавата на шокантно видео со видно ослабен израелски заложник, Хамас понуди пристап за хуманитарна помош, доколку Израел дозволи помош за Газа и прекине со воздушните извидувања.

752

Палестинската милитантна организација Хамас изјави дека е подготвена, под одредени услови, да му дозволи на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) достава на храна и лекови до израелските заложници што ги држи во Појасот Газа. Изјавата доаѓа откако во јавноста се појави видео со еден од заложниците во тешка состојба, што предизвика голем меѓународен притисок и осуда.

Во соопштение објавено на Телеграм, портпарол на Бригадите Ал-Касам, военото крило на Хамас, најави дека ќе одговорат позитивно на барањето на Црвениот крст, но под услови. Притоа потенцираше:






„Израел мора да дозволи целосна, непрекината испорака на хуманитарна помош до цивилното палестинско население во Газа, и во исто време да ги запре сите воздушни извидувачки операции за време на дистрибуцијата на помошта“.

Истовремено, од канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопштија дека тој разговарал со регионалниот директор на МКЦК и го замолил веднаш да интервенира за доставување храна и лекови до заложниците.

Хамас во моментов држи околу 20 живи израелски заложници, киднапирани на 7 октомври 2023 година при нападот врз Израел. Според израелските власти, заложниците се чувани во мрежа на тунели под Газа, во нехумани услови.

Ситуацијата ескалираше откако во последните денови Хамас објави видеа со двајца заложници кои се прикажани во сериозна неухранетост и под психофизички притисок, предизвикувајќи шок кај израелската јавност и реакции од светските лидери.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон отворено го осудија видеото, нарекувајќи го „гневно алармантно“ и повикаа на итен пристап до заложниците.

Според израелски разузнавачки извори, Хамас намерно ги држи заложниците во ваква состојба за да изврши притисок врз владата на Нетанјаху, во обид да добијат отстапки на хуманитарен и дипломатски план.

Поврзани содржини