НЀ БОЛИ ТОА ШТО НИКОЛА КАРЕВ Е ИЗБРИШАН ОД ХИМНАТА Неговиот внук Трајко се присети на приказните од дедо му
Седумдесет и осум годишниот Трајко Карев внук на Никола Карев, во интервју за МИА вели дека најголемата болка е што неговиот дедо е избришан од химната, за што до ден денешен не добил одговор од историчарите која е причината за бришењето.
– Тоа се времињата. Ама во Крушево имаме почит. Секој ден ме поздравуваат крушевчани, разговараме и низ кафе пак ги враќаме сеќавањата. Крушево не може без илинденските сеќавања. Ниту ние без херојско Крушево – вели тој.
Внукот се присетува дека ги слушал приказните од дедо му Петруш, најстариот брат на Никола Карев од кои дознал се за Илинденското востание. Приказните што ги слушал од дедо му Петруш велеле дека Никола Карев бил многу симпатичен, харизматичен и многу убав човек.
– Седум години, дење и ноќе, бев со дедо ми Петруш, најстариот брат на Никола Карев. И сите приказни ми ги раскажуваше, а јас желно ги слушав и ги чував во себе. Дедо ми Петруш беше жив илинденец. Секој втор ден бевме „на терен“. Ми покажуваше места, локации, како било за време на Илинденското востание. Дедо ми Петруш живееше 95 години. Живееше до 1963 година кога јас имав 14 години. Го паметам, секој ден носеше бастун во десната рака, а со левата ме држеше мене за рака – раскажува Трајко Карев, токму наспроти споменикот на неговиот славен дедо, Никола.
Трајко споменува дека Никола Карев и Христо Узунов биле против предвременото востание на Смилевскиот конгрес. Но, ги надгласале. Сепак, почнал да ги подготвува сите села за востанието. Ги организирал со писма.
– Ноќта на 1 август, на полноќ, организира да ја нападнат касарната во Крушево додека бијат камбаните. Но, сето почнало 15 минути пред полноќ – вели Трајко Карев.
Никола бил целосно предаден на Републиката. И предвидел кога ќе се одмаздат Турците. Затоа Штабот распределил 22 товари брашно и три товари сол скриени на местото викано „Павле чешма“. За да не страда населението.
Трајко вели дека е неточно дека мајка му на Никола Карев се викала Марија. Нејзиното име било Петкана и била од крушевското село Свето Митрани.