РАЗОТКРИЕНА ФАБРИКА ЗА ЛАЖНИ ЕВРА Шестмина обвинети, стотици илјади евра во оптек
Првообвинетиот ја водел операцијата за фалсификување евра, групата заработила над 40.000 евра за илјадници лажни банкноти пуштени во Србија.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против шест лица за учество во организирана злосторничка група која изработувала и дистрибуирала фалсификувани евра, потврдија од Обвинителството. На петмина им се става на товар кривичното дело „Фалсификување пари“, додека првообвинетиот и уште едно лице се теретат и за „Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“.
Според обвинителството, групата делувала од крајот на 2023 до февруари 2025 година, на територијата на Македонија и Србија, со јасна организациска структура и поделени задачи.
„Првообвинетиот ја формирал групата, обезбедил опрема за производство на фалсификувани банкноти и координирал со останатите обвинети, додека шестотоосомничениот бил задолжен за изработка и одржување на машините“, информираат од Обвинителството.
Фалсификуваните пари биле во апоени од 20, 50, 100 и 200 евра, а биле продавани на заинтересирани купувачи во Србија по цена од 25-30% од номиналната вредност. Вкупно биле пуштени 114.150 лажни евра, за кои биле инкасирани 42.400 вистински евра.
„Во текот на истрагата обезбедени се докази за набавка на материјали, фалсификување и канали за продажба во Србија, како и за изработка на машини со висока прецизност“, велат од Обвинителството.
Против шестмината македонски државјани е поднесено обвинение, додека за уште шестмина српски државјани, истрагата продолжува во Србија.