РЕГИСТРИРАЈ СЕ НА USLUGI.GOV.MK Апел од Андоновски до сите млади да се подготват за ваучер за лаптоп или таблет

Нова владина мерка, преку 50 милиони евра за електронски уреди за студенти, најави министерот за дигитална трансформација.

2,003

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување во емисијата „Вести Плус“ на Канал 5, ги повика младите граѓани, особено студентите, да се регистрираат на националниот портал uslugi.gov.mk, како прв чекор за аплицирање за ваучери за електронски уреди.

– Аплицирањето сè уште не е започнато, но сега е вистински момент младите да се регистрираат и да креираат свој профил, за да можат брзо и лесно да поднесат апликација кога ќе стартува мерката – порача Андоновски.






Според него, оваа иницијатива која премиерот ја најавил уште пред десет месеци, годинава конечно ќе се реализира бидејќи се предвидени средства во државниот буџет.

– Над 50 милиони евра ќе бидат распределени како ваучери за лаптопи, таблети и слични електронски уреди. Не е доволно само да дигитализираме услуги, туку мораме и да им овозможиме алатки на младите – додаде министерот.

Андоновски истакна дека ова е првпат државата да имплементира мерка од ваков вид, со која младите ќе имаат реална корист.

– Во исто време, Владата вработува млади специјализанти во здравството, ги ангажира во секторот одбрана, а и во нашето министерство се приклучија нови млади луѓе. Создаваме институции кои се отворени за младите – рече тој.

Министерот најави и проект за бесплатни интернет-зони, со фокус на студентските домови, кој ќе започне од Битола, како дел од стратегијата за подобрување на дигиталниот пристап за младата популација.

– Ова е дигитализација во пракса. Ние не само што зборуваме, туку ја овозможуваме – заврши Андоновски.

Поврзани содржини