„АКО ТРЕБА ДА НЀ ДИГНЕШ ВО ВОЗДУХ, ПРВО ЈАС ЌЕ ТЕ СРЕДАМ!“ Скопјанецот кој совлада терорист на летот Лондон-Глазгов, не се смета себеси за херој

Зоран Настески стана херој на летот на авиокомпанијата Изиџет од Лондон кон Глазгов, но за Плусинфо вели дека само реагирал инстинктивно. Роден во мешан брак на Србинка и Македонец, овој 49-годишен скопјанец секогаш се чувствувал и како Србин и како Македонец, а после настанот, додава низ смеа, некои веќе го прогласиле и за Бугарин.

11,042

Храбрата и брза реакција на скопјанецот Зоран Настески кој на летот на авиокомпанијата Изиџет, од Лондон Лутон до Глазгов го совладал патникот кој се заканувал со бомба извикувајќи „Алаху Акбар“, деновиве е главна тема во медиумите. Настески за Плусинфо вели дека не размислувал за својот потег ниту за миг, туку едноставно, реагирал.

– Не можеш да знаеш кој блефира, не можеш да знаеш со сигурност дали некој има или нема бомба, само ми се вртеа низ глава грди слики. Кога го слушнав тој восклик кој ми оди на нерви, едноставно не размислував. Си реков, ако треба да нè дигнеш во воздух, прво јас ќе те средам тебе – вели Настески.






Тој му го избил телефонот од раката на заканунвачот, мислејќи дека уредот можеби е поврзан со експлозив, а потоа го држел на подот од авионот до крајот на летот.

– Подоцна излезе дека станува збор за некојси проблематичен тип од Индија кој и таму бил апсен и најверојатно сега ќе го депортираат назад во Индија – објасни Настески во телефонскиот разговор за Плусинфо.

Иако видеото од инцидентот го обиколи регионот и многумина го нарекоа херој, Настески тврди дека не направил ништо посебно. На роднините од Скопје и од Белград, како и на сестра му која со своето семејство живее во Германија и дента кога се случил настанот славела роденден на синот, им кажал само дека е добар и дека „нема ништо вредно за раскажување“.

За себе ни раскажа дека е роден во Скопје, во 1976 година, од мајка Србинка и татко Македонец.

– Секогаш сум се чувствувал и како Србин и како Македонец, но кога пцујам секогаш пцујам на јазикот на мајка ми – се смее Настески и додава:

– Оние кои се со една националност не можат да сфатат како некој може да се чувствува и вака и така, но јас гледам на тоа од смешната страна, па смешно ми е и тоа што после настанот некои Бугари велат и дека сум Бугарин.

По образование Настески е графички дизајнер, но во Англија работел како возач. Пред извесно време решил да се врати во родното Скопје, но љубовта го однела во Белград.

– Имам роднини и во Србија и во Македонија, но љубовта превагна, па наместо во родното Скопје, ќе живеам во Белград – вели Настески.

Тој сепак смета дека неговиот потег не бил херојски, туку обична инстинктивна реакција, но останатите патници на летот, јавноста и медиумите кои постојано му се јавуваат и се интересираат за него, имаат поинакво мислење – за нив тој останува херојот кој без размислување го совладал човекот кој заканувајќи се со бомба, предизвикал хаос во авионот.

Поврзани содржини