14 ПОЖАРИ БЕСНЕАТ НИЗ ЗЕМЈАТА Најкритично е во Прилеп, Василево, Крива Паланка, се гаси со сите расположливи сили

Неконтролирани пожари ја зафатија цела држава, најтешко е во Прилеп, Василево и Крива Паланка, гори шума, трева и дива вегетација.

3,020

Во Македонија моментално се евидентирани вкупно 22 пожари на отворен простор, од кои 14 се активни, 4 се ставени под контрола, додека 4 се изгаснати, според последниот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до 18 часот.

Најсериозни се пожарите во југоисточниот и централниот дел на државата, каде се шират преку нискостеблести и деградирани шуми, висока трева, па дури и густ бор. Во Василево, Радовиш и Берово, пламени јазици ја проголтуваат планината Голем Готен и дел од Малешевските планини. Шумскиот пожар таму зафаќа нискостеблеста шума, смрека и грмушки, и се шири со опасна брзина.






Ситуацијата не е ништо подобра ниту во Прилеп, каде што се регистрирани дури два активни пожари. Првиот беснее кај селото Бешиште и се приближува до границата со Грција, зафаќајќи мешана шума. Вториот пожар го зафати кракот кон селото Дрен, и продолжува кон Галиште (Кавадарци), додека делот кај Царевиќ и Смолани е ставен под контрола.

Во Македонски Брод, огнот поминува низ с. Црешево, Локвица и Крапа, зафаќајќи деградирана дабова шума и ниска вегетација. Во Желино, пожарот помеѓу Церово и Групчин уништува деградирана шума, а во Струмица, селото Баница и населбата Софилар се зафатени од оган во висока трева.

Загрижува и пожарот во Крива Паланка, каде што гори густа борова шума кај селото Нерав, што претставува огромен ризик за брзо ширење. Дополнително, Старо Нагоричане и Куманово се погодени на неколку локации, каде што огнот зафаќа ниска вегетација, како и населбата Бедиње во Куманово.

Во Скопскиот регион, огнот се приближува до с. Трубарево во Гази Баба, како и до с. Гумалево во Зелениково, каде се уништува ниска и мешана вегетација. Пожар има и во с. Сушево, повторно во општина Василево.

Четири пожари се ставени под контрола, но екипите остануваат на терен. Во Македонски Брод, пожарите кај селата Грешница и Латово беа активни, но се успеа да се локализираат. Слична е состојбата и во Карбинци, кај с. Јунузлија, како и помеѓу с. Драгоево и Селце во Штип.

Добра вест е што четири пожари се целосно изгаснати, меѓу нив во Струмица, кај Три Води и с. Василево, како и во Струга, кај Калишта, каде гореше дури и ѓубриште. Во Шуто Оризари, пожарот на ул. Брсјачка Буна кој зафати дива депонија е успешно локализиран.

ЦУК ја координира работата на сите надлежни служби, но апелира и до граѓаните за максимална внимателност и избегнување на активности кои можат да предизвикаат пожар, особено во периоди со високи температури и суша.

Поврзани содржини