„НЕ СУМ ЗАВРШИЛ СО ПУТИН, САМО СУМ РАЗОЧАРАН“ Трамп е убеден дека Русија ќе победи, само е прашање на време

Ставот на претседателот Доналд Трамп, според висок функционер од Белата куќа, е дека Русија располага со посилна економија, поголема армија и со човечки ресурси што, како што рекол изворот, без колебање ги жртвува во војната. Иако напредокот ѝ е бавен, тој е постојан. Трамп, според истиот функционер, најмногу е загрижен да се стави крај на крвопролевањето.

941

Доналд Трамп изјави дека е разочаран, но дека не завршил со Владимир Путин, во ексклузивен телефонски разговор со Би-Би-Си.

Американскиот претседател беше прашан дали му верува на рускиот лидер и одговорил:






– Речиси никому не му верувам.

Трамп зборувал само неколку часа откако најави планови за испраќање оружје во Украина и предупреди на сериозни царини кон Русија ако не се постигне договор за примирје во рок од 50 дена.

Во интервјуто од Овалната соба, претседателот, исто така, дал поддршка на НАТО, иако некогаш го нарекуваше „застарен“, и ја потврдил својата поддршка за принципот на заедничка одбрана на Алијансата.

Претседателот го оствари телефонскиот повик, кој траеше 20 минути, со Би-Би-Си по разговорите за потенцијално интервју по повод една година од обидот за атентат врз него на митинг во Батлер, Пенсилванија.

Запрашан дали преживувањето на тој напад го променило, Трамп рекол дека се труди да размислува за тоа што е можно помалку.

– Не ми се допаѓа да размислувам дали ме промени. Размислувањето за тоа може да ти го смени животот – рекол Трамп.

Претседателот значителен дел од интервјуто го посветил на изразување на разочараноста од рускиот лидер.

Трамп рекол дека четирипати мислел дека постои реална шанса за договор со Русија.

Кога новинарот на Би-Би-Си го прашал „дали завршил со Путин“, претседателот одговорил:

– Разочаран сум од него, но не сум завршил со него. Но, сум разочаран.

На прашањето како ќе го натера Путин да го „запре крвопролевањето“, Трамп рекол:

– Работиме на тоа, Гери. Ќе имаме одличен разговор. Ќе му кажам: „Во ред, мислам дека сме блиску до договор“, а потоа тој ќе сруши некоја зграда во Киев.

Русија ги засили нападите со беспилотни летала и ракети врз украинските градови во последните недели, предизвикувајќи рекорден број цивилни жртви.

Разговорот потоа се префрлил на темата НАТО, кој Трамп претходно го критикуваше како „застарен“.

Кога беше прашан дали сè уште го мисли тоа, тој рекол:

– Не. Мислам дека НАТО сега станува спротивното од тоа бидејќи Aлијансата си ги плаќа сопствените трошоци.

Тој изјавил дека сè уште верува во колективната одбрана бидејќи тоа значи дека помалите земји можат да се одбранат од поголемите.

Трамп рекол дека лидерите на земји како Германија, Франција и Шпанија почнале да го почитуваат него и неговото одлучување, делумно затоа што светските лидери верувале дека „има многу талент“ штом е избран за претседател двапати.

Кога бил прашан дали светските лидери понекогаш се „очигледно ласкави“, Трамп одговорил дека смета оти тие „само се обидуваат да бидат љубезни“.

Претседателот Трамп бил запрашан и за иднината на Велика Британија во светот и рекол дека мисли оти тоа е „одлично место – знаете, поседувам имот таму“.

Во врска со Брегзит, тој изјавил дека сето тоа било „малку неуредно, но мислам дека конечно се расчистува“.

Претседателот, исто така, рекол за сер Киер Стармер:

– Навистина многу го сакам премиерот, иако е либерал.

Потоа ја пофалил трговската спогодба меѓу Велика Британија и САД.

Тој зборувал и за тоа колку се радува на својата втора државна посета на Обединетото Кралство, „која треба да се одржи во септември оваа година – што ќе биде преседан“.

На прашањето што сака да постигне за време на посетата, Трамп рекол:

– Да си поминам убаво и да му искажам почит на кралот Чарлс, бидејќи е вистински господин.

Трамп верува дека Русија е надмоќна

Трамп во понеделникот направи најголем чекор досега во поддршката на Украина во одбраната од Русија, одобрувајќи европска набавка на противвоздушни ракетни системи „Патриот“ и друго оружје за Украина.

Но, тоа не значи дека тој смета дека украинскиот претседател Володимир Зеленски има предност.

Трамп сè уште верува дека Москва ја има надмоќта, според висок функционер од Белата куќа, објави Политико.

Но, како што се зголемува неговото разочарување од рускиот претседател Владимир Путин, така е сè повеќе подготвен да се вклучи во конфликт за кој тврди дека може бргу да го заврши.

– Ставот на претседателот е дека Русија ќе победи, само е прашање на време. Русија има поголема економија, поголема војска, има доволно луѓе за да ги фрла како топовско месо и не ѝ е гајле. И иако напредува бавно, сепак напредува. Претседателот само сака да се запре убивањето – изјави функционерот на Белата куќа, кој останал анонимен за да го објасни размислувањето на претседателот.

Иако сака да го зголеми притисокот врз Москва, спротивставувајќи се на изолационистичкото крило на движењето МАГА, Трамп инсистира дека неговиот најнов потег е во согласност со стратегијата „Америка на прво место“ и со неговото децениско уверување дека Америка била искористувана од сојузниците, особено од Европа, која добивала бесплатна одбрана.

– Ние не го купуваме тоа, но ќе го произведеме, а тие ќе платат за тоа. Тие се чувствуваат многу силно околу тоа, и ние исто така, но ние веќе дадовме многу пари и едноставно, не сакаме повеќе да го правиме тоа – изјави Трамп, алудирајќи на „многу богатите“ европски сојузници.

Високиот функционер за безбедносна политика во Пентагон, Елбриџ Колби, веднаш по објавата даде поддршка на социјалната мрежа Икс, нагласувајќи го аспектот на „Америка на прво место“.

 

Поврзани содржини