СНИМАЛЕ ПОЖАР, ПА БИЛЕ НАПАДНАТИ Сопственикот на депонијата мобилниот на новинарот го фрлил во огнот

Новинарска екипа нападната додека го документирала пожарот во скопска депонија, уништен мобилен телефон со докази, оштетена и телевизиска опрема.

1,607

Сопственикот на отворената депонија во Визбегово, на која на 9 јули гореа авто-делови и го загади воздухот во цело Скопје, му го одзел насилно мобилниот телефон на новинарот известувач на Алсат ТВ и го фрлил во огнот, затоа што претходно на истиот бил снимен физичкиот напад од негова страна над известувачот.

Според информациите објавени од телевизијата Алсат, сопственикот на депонијата Александар Николчев, откако бил снимен како физички го напаѓа новинарот Авни Тахири, насилно му го одзел мобилниот телефон и го фрлил во огнот – во обид да го уништи доказниот материјал. Заедно со него, во нападот учествувала и раководителката на компанијата, Маја Каранакова.






Тахири пред истражителите потврдил дека бил нападнат, навредуван и дека му бил одземен телефонот, а снимателот Шенол Хајредини сведочел дека исто така бил физички нападнат од двете лица. Освен тоа, била оштетена и опремата на телевизијата, за која ќе се води судска постапка за утврдување на надомест на штета.

Јавниот обвинител ги сослушал членовите на новинарската екипа во својство на оштетени. Инцидентот се случил на 9 јули околу 10 часот, кога екипата известувала за пожарот кој предизвика сериозно загадување на воздухот во Скопје.

Од Алсат ТВ побараа институциите итно да постапат и да обезбедат безбедност за новинарите кои известуваат од терен, посебно во услови кога се откриваат сериозни еколошки и безбедносни закани.

Поврзани содржини