ВИСАР ГАНИУ ГО ОСУДИ НАПАДОТ ВРЗ АРСОВСКА „Никој од Општина Чаир не е инволвиран“
Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу го осуди нападот врз скопската градоначалничка Данела Арсовска и негира поврзаност со овој случај.
„Општина Чаир најостро го осудува инцидентот што се случи помеѓу градоначалничката на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска, и неколку лица на територија на Општина Чаир. Ваквите дејствија се неприфатливи и претставуваат сериозно нарушување на нормите на однесување во едно демократско и цивилизирано општество. Сметајќи дека е важно јавноста да биде точно информирана, ја појаснуваме фактичката состојба – настанот воопшто не е поврзан со нашата институција. Ниту еден вработен или функционер на Општина Чаир не бил инволвиран, ниту пак присутен на местото на настанот“, напиша Ганиу на Фејсбук.
Тој посочи дека Општината останува посветена на зачувувањето на јавниот ред, почитувањето на институциите и унапредувањето на соживотот меѓу заедниците.
„Во тој контекст, постапувањето останува во надлежност на соодветните институции, кои согласно своите процедури, ќе делуваат со внимание и одговорност, во насока на расветлување на настанот и зачувување на јавниот ред и мир“, вели Ганиу.