Киднапирана држава

Киднапирана држава во ситуација како што е македонската мора да бара нови излезни решенија, а тие мораше како алтернатива, или „план Б“, да ги бара уште во онаа 1992/93, кога се појави наводниот проблем со името…, а потоа и сето друго со ред. Ни сме верени ниту пак сме венчани со оваа еу.

724

Куќниот совет што глуми политичка партија со некогашното име сдсм (малите букви се реален одраз на нивното политичко и идеолошко ниво денес!) треба веќе утре да свика нова прес конференција со некој од нивната политикантска академија викана „Прогрес“ и повторно да ни ја раскажат приказната за придобивките од Преспанскиот договор и Договорот со бугарија (малите букви се…), за „бетонираниот јазик“ и идентитет, за придонесот на Шолц итн.

Но, притоа задолжително да ја цитираат онаа „госпожа“ со убаво име од грчката митологија и нејзините ставови за Македонија и Македонците, но и барем еден-двајца бугарски европратеници, сосе нивниот побратим Борисов, кој така срдечно ја поздрави „демократската“ фарса во еп (малите букви се…)! Сето ова пропушти да го каже „лидеро“, држејќи се до ступидните политикантски „формули“ за нечија вина.






Не мора да го спомнуваат Вајц за „киднапираниот извештај“, зашто тоа де факто и не е којзнае какво просветление и не е ни блиску до вистината бидејќи, всушност, со тој и таков извештај ние конечно станавме – киднапирана држава. Токму со помошта на куќниот совет и благополучната поддршка на нивниот некогашен коалициски партнер!

И ова куќниот совет треба да го прави секој ден, за да, конечно, некогаш или „мало сутра“, и ние ја прифатиме нивната „вистина“ и „вистината“ на европскиот парламент и европската унија (малите букви се…). Иако нам таа и денес ни е јасна како бел ден: дека врз основа на нивните антинационални постапки во изминатите седум години дивеење со нивниот некогашен коалициски партнер, му овозможија на европскиот парламент, за 40-тина минути – што е некаков светски рекорд во киднапирање на држава! – со 461 глас „за“, да ја киднапира Македонија сосе народот во неа, неговиот јазик, историја, култура…! Исто како што со Преспанскиот договор му дозволија на јужниот сосед да го киднапира вековното име на државата! И со тие „ордени“ нека си ја закитат нивната конечна „победа“ и учеството на парадите во Софија и Брисел.

Се разбира, немам намера да ширам параноја и непотребен дефетизам зашто македонскиот јазик и идентитет не зависат од едно гласање на европски квазидемократски шутраци. Но, делумно зависи судбината на македонскиот евроинтегративен процес. Но, за тоа малку подоцна. Иако за тоа речито ги потсети шутраците пратеникот Тијс Рутен со прашањето (парафразирам): Што ќе одговориме во некоја иднина кога нашите деца ќе нѐ прашаат што направивме кога можевме да ја смениме иднината на една земја и на Европа?

Она што сепак сериозно зачудува е леснотијата со која 461 европратеник креваат рака за бришење на назнаките на македонскиот идентитет во извештајот. Не изненадува – зашто бугарските братја на Заев и на куќниот совет одлично си ја завршиле задачата, за што беа и поздравени од „големиот брат“ Борисов – но дефинитивно го заокружува сомнежот во чесноста, моралот, демократичноста, па и цивилизираноста на европските институции.

Впрочем, што сѐ против Македонија не помина низ нив како некакво ужасно историско ехо на тажните европски минати времиња, на почетоците на фашизмот во неа, на крвавото чистење на „другите“, на оние неподобните, несаканите, неариевците…

И овде говорам за европски институции, не за коекакви пратеници кои како крајно сомнителни лица од типот „плава риба, кљукана династија“ – што би рекол Нушиќ! – односно „демократи“ од форматот „трт, трт, трт“ (повторно Нушиќ) се протнале во европскиот парламент, во комисијата, во евробирократијата… Зашто, пратениците се такви какви се, ги гледаме бугарските и грчките и како да ги гледаме сите, или повеќето. И тие можат да тропаат сѐ и сешто, за тоа се впрочем платени (од некого и од некои!). Но европските институции по дефиниција би требало да бидат – нешто друго. Во нив мора(ше) да „господарат“ сериозни, умни демократски глави, цивилизирани персони, (не само) историски потковани луѓе, со образ и чест, недопирливи за долгите прсти на бугарската – и не само таа – политичка мафија. И тие мораа во средата да ја прекинат расправата по извештајот зашто таа наликуваше на линч, на гасна комора, на Треблинка (што би рекол Димитриевски)…! Таму мораше веднаш да се појави „госпожа“ Мецола, оној шапшал Кошта, па и услужливата „тетка“ Урсула, во крајна линија. И да ја фатат за уши онаа камуфлирана демократка КОС (или УДБА), како сакате.

Но тоа, се разбира, не се случи. И нема да се случи. И тоа одново ги потпалува теориите на заговор, на Македонија како жртва, на континуиран евролинч…, со што не губи само Македонија! Ако тоа еу не го разбира – ништо не разбира.

Но, денес, или веќе утре, ние мора да ѝ помогнеме да разбере. А за тоа има само еден начин: Македонија мора конечно да се определи за stand-by во однос на оваа и ваква незрела еу. Без оглед што многумина кај нас се повикуваат на некакви наши „стратешки цели“, повече од јасно е дека и таквите цели со време – а ние им подаривме премногу време – смирисуваат и мора да се проветрат. Па дури и генерално да се прочистат! Киднапирана држава во ситуација како што е македонската мора да бара нови излезни решенија, а тие мораше како алтернатива, или „план Б“, да ги бара уште во онаа 1992/93, кога се појави наводниот проблем со името…, а потоа и сето друго со ред. Ни сме верени ниту пак сме венчани со оваа еу. Таа може да остане како некаков далечен интерес, можеби предизвик, но во светот постoјат уште едно чудо реални опции.

А во таа насока македонската надворешна политика мора да редефинира некои граници и интереси и да се отвори кон светот. Смирисаните евробалкански структури и нивните арогантни и отворено профашистички политики одамна веќе не ни се пандан. Затоа Македонија мора да бара нови хоризонти и пријатели, па нека се тоа и оние од подалечните дестинации: Индија, Кина, Јужна Америка… Или, зошто не и покана до нивните претседатели да ја посетат државава? Ако Си Џинпинг можеше да дојде во Белград (а на тогашните македонски политички слепци не им текна ни да го поканат на кафе во Охрид, на пример), зошто не би дошол и во Скопје?

Поврзани содржини