ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА СОПРУЖНИЦИТЕ ЧИЈ ОТПАД ПЛАМНА ВО ВИЗБЕГОВО Притворени се за нападот врз новинари, ќе се истражува нивната улога во пожарот
Обвинителството продолжува да ги истражува и причините за настанување на пожарот на отпадот и евентуалните опасности предизвикани врз животот и телото на луѓето, имотот и животната средина, соопшти Јавното обвинителство.
Постапувајќи во врска со вчерашниот пожар во Визбегово, Основното јавно обвинителство Скопје поведе итна постапка против две лица, маж и жена за кривично дело Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 од Кривичниот законик, соопши Јавното обвинителство.
„Постапката е поведена бидејќи двајцата физички нападнале екипа од новинар и снимател на ТВ Алсат М и ги спречиле во извршување на нивните службени задачи, односно да известуваат за настанатиот пожар во близина на отпад за старо железо. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, додека за осомничената е предложена мерка куќен притвор, бидејќи се грижи за две малолетни деца на возраст од 9 месеци и 3 години“, соопшти Јавното обивинителство.
Мерките се предложени со цел нивно обезбедување, се додава во соопштението. Освен за нападот на новинарскат екипа, Обвинителството продолжува да ги истражува и причините за настанување на пожарот на отпадот, кој е во сооственост на осомничените и евентуалните опасности предизвикани врз животот и телото на луѓето, имотот и животната средина. Во таа насока во текот на вчерашниот ден и денеска се издаваат повеќе наредби и насоки за обезбедување докази.