СЗО БАРА ДА СЕ ЗГОЛЕМАТ ДАНОЦИТЕ ЗА ЦИГАРИ, АЛКОХОЛ И ЗА ЗАСЛАДЕНИ ПИЈАЛАЦИ За 50% повисоки даноци ќе спречат 50 милиони смртни случаи
Според проценките, оваа иницијатива би можела да генерира до 1 трилион долари приходи во следните 10 години, кои би се користеле за инвестиции во здравство, образование и мерки за социјална заштита.
Светската здравствена организација (СЗО) ги повикува земјите низ светот значително да ги зголемат даноците на тутунските производи, алкохолот и високо засладените пијалоци – барем за 50% до 2035 година.
Оваа иницијатива има за цел да го намали бројот на случаи и смртни случаи од најопасните незаразни болести, како што се срцевите заболувања, ракот и дијабетесот.
Според податоците на СЗО, незаразните болести – вклучувајќи ги и оние поврзани со пушењето, алкохолот и дебелината – сочинуваат три четвртини од сите смртни случаи во светот.
Апелот се потпира на извештај од 2024 година кој покажува дека доколку овие штетни навики се оданочуваат построго, би можеле да се спречат дури 50 милиони предвремени смртни случаи во следните 50 години.
„Еднократното зголемување на цените на овие производи за 50% до 2035 година би можело да спаси милиони животи“, се истакнува во извештајот.
Извештајот е подготвен од работната група за даночна политика за здравство, финансирана од непрофитната организација „Блумберг филантропис“.
СЗО го нарекува овој план „3 пати 50 до 2035 година“, бидејќи има за цел да ги зголеми даноците за 50% на три штетни категории – тутун, алкохол и засладени пијалоци.
Според проценките, оваа иницијатива би можела да генерира до 1 трилион долари приходи во следните 10 години, кои би се користеле за инвестиции во здравство, образование и мерки за социјална заштита.
„Даночната политика станува здравствена политика – ако земјите имаат храброст да ја спроведат“, вели СЗО.
Доколку планот се усвои, цигарите, алкохолот и газираните пијалоци би можеле да станат луксуз што многумина нема да можат да си го дозволат.