🎥 РУСИЈА ИЗВРШИ МАСОВЕН НАПАД СО ДРОНОВИ ВРЗ ОДЕСА Се запалиле станови, деца се затруле во пожарите
Во Одеса избувнал пожар по падот на соборените руски дронови, целосно се уништени шест станови, а оштетени се уште 36 станови, а во меѓувреме Украина извршила напад врз руски магацин за муниција во градот Карцизк, во окупираниот дел од регионот Донецк во средата.
Пет лица, меѓу кои и деца на возраст од 7 и 9 години, се повредени во масовниот руски напад со дронови врз Одеса во текот на ноќта, изјави началникот на регионалната воена администрација на Одеса, Олег Кипер, на апликацијата Телеграм.
„Децата се затруени од производи на согорување и се хоспитализирани. Тројцата повредени возрасни жители на градот, исто така, добиваат медицинска помош“, рече Кипер.
Нападот предизвикал штета на повеќекатна станбена зграда и на друга цивилна инфраструктура, додаде тој.
„Во становите на жителите на Одеса, каде што паднаа соборените дронови, избувна пожар, кој бргу беше изгаснат од пожарникарите. Шест станови беа целосно уништени, а уште 36 станови беа делумно оштетени“, рече Кипер во соопштението.
Украина нападна руски магацин за муниција
Украина извршила напад врз руски магацин за муниција во градот Карцизк, во окупираниот дел од регионот Донецк во средата, објавија и рускиот и украинскиот канал на Телеграм.
На социјалните мрежи се појавија снимки на кои наводно се гледаат моќни експлозии во близина на пријавениот магацин, кој се наоѓа источно од градот Донецк, кој е под руска окупација.
Украинската армија не го коментираше нападот и засега нема информации за обемот на штетата.
Во меѓувреме, Русија соопшти и за напад врз рускиот регион Липецк, каде што загина жена на околу 70 години, а уште 2 лица биле повредени од остатоци од соборен украински дрон. Гувернерот Игор Артамонов соопшти дека урнатините паднале врз станбена зграда на периферијата на градот Липецк. Нема конечна проценка на обемот на нападот со украински дрон во областа Липецк и на предизвиканата штета.
Украинската војска редовно напаѓа воени цели на територијата, окупирана од Русија, како и длабоко во Русија, во обид да ја ослабне способноста на Москва да води војна против Украина.
Русија со месеци ја фокусира својата офанзива врз градот Покровск во Донецката област, кој е под постојан напад, а во последно време сè повеќе се обидува да ги пробие украинските линии кон соседната Дњепропетровска област – регион кој досега не е погоден од борбите.
Во тек се преговори со САД за нова воена помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа во своето традиционално вечерно видео обраќање до нацијата изјави дека преговорите меѓу Киев и Вашингтон за нова воена помош од САД за Украина продолжуваат.
– На еден или на друг начин, мора да им обезбедиме заштита на нашите граѓани – рече шефот на државата.
Тој додаде дека се подготвени нацрт-договори за финансирање на производството на оружје со Данска и со други партнери.
Застојот во воената помош од САД е поврзан со загриженоста во Вашингтон за намалувањето на залихите на оружје од САД, забележува ДПА.
Агенцијата потсетува дека вчера украинското Министерство за надворешни работи го повика заменик-шефот на дипломатската мисија на САД во Киев, Џон Гинкл, за да разговара со него за делумното замрзнување на испораките на оружје од САД, кое беше одобрено од претходникот на Доналд Трамп во претседателството, Џо Бајден.
Во меѓувреме, Зеленски напиша на социјалната платформа Икс дека за време на состанокот со претставници на американски компании, кои се членки на Американската стопанска комора, јасно ставил до знаење дека Украина се потпира на нив.
– Американското оружје го штити не само украинскиот народ, туку и странските бизниси во нашата земја – рече Зеленски.