🎥 ПОЛИЦИЈАТА СИНОЌА АПСЕШЕ ВО БЕЛГРАД Уапсени 40 студенти и професорка

Канцеларијата на ОН за човекови права синоќа објави дека внимателно ја следат ситуацијата во врска со протестите во Србија, и ги повикаа властите да ја почитуваат слободата на изразување и собирање.

160

Српската жандармерија доцна синоќа употреби физичка сила врз студенти пред Правниот факултет во Белград, по што според студентски тврдења, привела четириесетина студенти како и професорка. Жандармеријата потоа се обиде да влезе во факултетот, но командирите ја спречија во тоа, јавија белградски медиуми.

Студентите до доцна синоќа беа на  улицата пред факултетот.






– Полицијата дојде со возила и ги нападна студентите. Тие се повлекоа кон и во зградата на факултетот, потоа полицијата дури дојде и до факултетот, додека командирите викаа, не влегувајте…Извлекуваа студенти за да ги приведуваат, им ги врзуваа рацете со ленти и лисици и ги тепаа. Ја удираа и поранешната судијка на Врховниот суд која беше таму – изјави за ТВ Н1 познатиот српски новинар Вук Цвијиќ.


Како што објавија студентите на Правниот факултет во блокада на социјалните мрежи, полицијата „се залетала кон студентите кои мирно седеле, потоа полицајците силно удирале на влезната врата од факултетот“. Тие објавија и видеа на социјални мрежи од полициската акција.

Полицијата која синоќа се обиде да влезе во Правниот факултет приведе околу 40 студенти, изјави еден студент на ФДУ за „Нова С“.

Демократската партија (ДС) исто така објави на социјалните мрежи дека професорката Биљана Стојковиќ, член на Претседателството на таа партија и поранешен кандидат за претседател на Република Србија, е уапсена за време на граѓанскиот протест.

Во текот на синоќешните протести во Белград полицијата приведе и неколку средношколци кои исто така повикаа на граѓанска непослушност. Подоцна беа ослободени.

Еден студент од Факултетот за технички науки кој вчера се здоби со тешки телесни повреди додека бил приведуван и потоа ставен во полициско возило, во текот на денов итно ќе биде опериран. Тој им тешки повреди на лицето.

Низ  Белград – трет ден по ред – до доцна во ноќта имаше протести на студентите во блокада и граѓани кои им се придружија изразувајќи со тоа граѓанска непослушност. Полицијата беше распоредена најмногу во опрема за разбивање демонстрации.

Протести синоќа и вчера имаше и во Ниш, Нови Сад, Крагуевац, Заечар и други градови во Србија.

Канцеларијата на ОН за човекови права синоќа објави дека внимателно ја следат ситуацијата во врска со протестите во Србија, и ги повикаа властите да ја почитуваат слободата на изразување и собирање.

„Внимателно ја следиме ситуацијата бидејќи имаше извештаи за насилство, малтретирање и произволни апсења на демонстранти“, објави канцеларијата преку социјалната мрежа X и ги повика властите во Белград да „се воздржат и да ја почитуваат слободата на изразување и мирното собирање“.

Во краткото соопштение се наведува и: „Повикуваме на спроведување мерки за градење доверба за да се отвори патот за обновување на општествениот договор“.

Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, за време на неговата посета на Белград кон крајот на мај оваа година, рече дека забележал „длабока поларизација и поделба во општеството“ во Србија.

На 1 јули, студентите повикаа на прекин на работата сe додека не се исполнат нивните барања – предвремени парламентарни избори, и отстранување на шаторите поставени пред 3 месеци во центарот на Белград во Пионирски парк и не се ослободат сите уапсени студенти.

На Видовден, 28 јуни, во Белград се одржа голем протест организиран од студентите во блокада на кој беше поставен ултиматум до владата да му предложи на претседателот да издаде указ за предвремени парламентарни избори.

Поврзани содржини