РАЗОТКРИЕНА „ЛОКУМАДЕС МАФИЈА“ ВО ГРЦИЈА Водачот доби 16 години затвор, неговата група уценувала и тепала за монопол
Оваа мрежа не само што заплашувала локални продавачи, туку и присилувала странски државјани да работат за нив под нечовечки услови. Тие биле приморувани да продаваат 500 до 600 крофни дневно, по цена од 2 евра. Сепак, од тие пари добивале само по 50 центи по крофна, додека остатокот го земала криминалната група, остварувајќи профит од 500 до 600 евра дневно.
Криминалната мрежа позната како „локумадес мафија“, која ја тероризирала Ситонија на вториот крак од Халкидики, доби правосуден епилог – нејзиниот водач е осуден на 16 години затвор.
Грчките медиуми јавуваат дека 42-годишниот маж бил прогласен за виновен поради повеќе кривични дела, меѓу кои изнуда, закани, нанесување телесни повреди и употреба на огнено оружје. Сите овие дела биле насочени кон лица кои се обиделе да продаваат крофни, популарните грчки „локумадес“, на преполните плажи во Ситонија во текот на летото 2021 година.
Во истрагата било утврдено дека криминалната група, која броела 12 члена, спроведувала вистинска кампања на заплашување и насилство за да воспостави монопол врз продажбата на крофни на плажите. За да се осигураат дека нема конкуренција, тие најмалку седум пати употребиле насилство и закани по живот, а некои од нападите вклучувале и употреба на огнено оружје. Метите не биле само независните продавачи, туку и сопствениците на угостителски објекти кои соработувале со нив или дозволувале други да продаваат.
Оваа мрежа не само што заплашувала локални продавачи, туку и присилувала странски државјани да работат за нив под нечовечки услови. Тие биле приморувани да продаваат 500 до 600 крофни дневно, по цена од 2 евра. Сепак, од тие пари добивале само по 50 центи по крофна, додека остатокот го земала криминалната група, остварувајќи профит од 500 до 600 евра дневно. Станува збор за добро организиран систем кој комбинирал економски притисок, заплашување и брутална сила.
Полицијата на Грција тогаш успеала да ја разбије групата, а неколку од членовите веќе добиле парични казни, додека некои биле ослободени. Но судот бил особено строг со водачот, кој според обвинението бил организатор и главен извршител на насилствата и заканите. Ваквиот епилог ја испрати пораката дека на плажите на Халкидики нема место за организиран криминал, дури и кога станува збор за крофни.