„НЕ ПОЧНАВМЕ ОД НУЛА, ТУКУ ОД МИНУС“ Мицкоски со силна порака и нови ветувања за иднината

Премиерот додаде дека втората мерка „Вработување и раст на правни субјекти“ ќе опфати 1.720 лица и ќе обезбеди по 250.000 денари за секое ново вработено младо лице. Потсети дека од почетокот на мандатот, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ веќе има отворено над 15.000 нови работни места.

583

Премиерот Христијан Мицкоски, во својство на претседател на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва од трибина во Прилеп даде отчет за сработеното во првата година од мандатот, но и најави конкретни чекори за нов инвестициски бран, отворање нови работни места и директна поддршка за младите.

– Во наредниот период ќе бидат објавени две нови мерки за самовработување. Со првата, за поддршка на поединци кои сакаат да започнат сопствен бизнис, предвидуваме 7.000 евра по лице. За млади до 29 години ќе обезбедиме неповратна поддршка од 10.000 евра, додека за здружени иницијативи од две лица, висината на поддршката ќе биде од 14.000 до 20.000 евра, при што повисокиот износ ќе се однесува на млади лица – изјави Мицкоски.






Премиерот додаде дека втората мерка „Вработување и раст на правни субјекти“ ќе опфати 1.720 лица и ќе обезбеди по 250.000 денари за секое ново вработено младо лице. Потсети дека од почетокот на мандатот, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ веќе има отворено над 15.000 нови работни места.

– Не почнавме од нула – почнавме од минус. Наидовме на запоставена држава, со нарушени финансии, но со чесна работа и со одговорност ја стабилизиравме економијата. Денес можеме да зборуваме за стабилност и економски раст – рече премиерот.

Мицкоски истакна дека оваа година помина без ниту една афера поврзана со Владата. Според него, тоа е доказ дека институциите конечно работат во интерес на народот, а не за поединци.

– За првпат по многу години, ја враќаме довербата во институциите. Од последни во Европа по странски инвестиции, денес сме први – со 1 милијарда и 255 милиони евра инвестиции, што е рекорд од независноста до денес. Од двоцифрена инфлација – до 2,7% во март. Од поранешни времиња кога растеа само платите на функционерите – денес растат платите на работниците од 9 до 10% годишно – нагласи Мицкоски.

Тој ја подвлече важноста на економскиот раст, а како конкретни примери ги посочи растот на индустриското производство за 5,2% и исплатата на 500 милиони евра за еврообврзницата издадена во 2018 година. Потсети и дека јавниот долг е намален за 4,7 процентни поени од БДП, а буџетскиот дефицит за 4%.

– Оваа година ја посветивме на домаќинско управување. Обезбедивме 500 милиони евра поддршка за компаниите и општините, воведовме 120 нови електронски услуги за граѓаните, направивме целосна либерализација на увозот на стоки од САД, ја намаливме царината за 67 суровини, го намаливме сивиот пазар со забрана за 226 нелегални сајтови за игри на среќа – истакна премиерот.

Говорејќи за локалните теми, Мицкоски рече дека за Прилеп и регионот веќе е исплатена поддршка од над 9 милијарди денари за земјоделците, склучени се 967 договори за закуп на земјоделско земјиште, а откупната цена на тутунот прва класа е зголемена од 375 на 400 денари, додека субвенцијата по килограм е зголемена од 80 на 100 денари.

– Во делот на инфраструктурата, од автопатот Кичево – Охрид кој стагнираше, денес имаме градилиште кое работи и ќе биде завршено за една година. Од шеми со трговски центри и соварии, денес имаме експресен пат за Прилеп и автопат за Битола. Затоа што денес нема тендери во четири очи, туку постои одговорност – додаде тој.

– Кога ќе ги погледнам луѓето во очи, знам зошто сум тука – за подобар живот, за подобра Македонија. Ова не е само политика, ова е љубов и одговорност. За тебе, за твоето семејство, за иднината – порача Мицкоски, додавајќи дека Македонија треба да стане земја на вредности, можности и човечност.

Премиерот подвлече дека Владата нема да ветува брзи и празни решенија, туку ќе продолжи да работи со трпеливост, истрајност и визија.

– Оваа година беше година на стабилизација, на враќање на довербата. Времето на Македонија допрва доаѓа – заклучи тој.

На трибината во Прилеп свои обраќања имаа и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, директорката на УЈП Елена Петрова и пратеникот Бојан Стојановски.

Поврзани содржини