ЗАБОРАВЕТЕ НА МЛЕКОТО И НА МЕСОТО, НЕ ПРЕТЕРУВАЈТЕ СО ЦИГАРИТЕ Што не смеете да пренесете преку грчка граница?
Иако бројни медиуми пренесуваат неточни податоци – како, на пример, дека се дозволени до три кутии цигари по лице – реалноста е поинаква, особено кога станува збор за патници од земји кои не се членки на Европската Унија, меѓу кои е и Македонија.
Секоја летна сезона носи и стара приказна – запленета храна на граница, патници кои носеле недозволени производи, и повторно истите дилеми: дали смеам да носам месо, колку цигари се дозволени, дали ќе ми ја одземат храната?
И покрај бројните предупредувања и јасни европски регулативи, уште многумина не се доволно информирани за тоа што смеат, а што не смеат да понесат со себе кога патуваат во Грција.
Иако бројни медиуми пренесуваат неточни податоци – како, на пример, дека се дозволени до три кутии цигари по лице – реалноста е поинаква, особено кога станува збор за патници од земји кои не се членки на Европската Унија, меѓу кои е и Македонија.
Строги правила за храна
Според прописите на ЕУ, што ги применува и Грција, строго е забрането преку граница да се внесуваат:
- месо и производи од месо;
- млеко и млечни производи;
- готови јадења кои содржат било каков вид на месо или млеко.
Овие ограничувања важат без разлика од која земја се влегува, а царинските службеници имаат право не само да ја одземат таквата храна, туку и да изречат казни, па дури и да покренат постапка доколку се утврди посериозен прекршок.
Што е дозволено?
Сепак, одредени намирници може да се понесат, но под строги услови:
- да не се расипуваат лесно и да не бараат чување на ладно;
- да бидат фабрички спакувани, во неоштетена амбалажа;
- да се користат за здравствени цели или за исхрана на доенчиња или домашни миленици.
Ограничувањата по лице се следни:
- до 2 кг млеко во прав за бебиња или медицинска храна;
- до 2 кг храна за миленици, доколку е неопходна поради здравствени причини;
- до 10 кг спакувана храна без месо и млеко – како мед, ориз, тестенини и слично.
Цигари и алкохол – посебни ограничувања
За цигарите постои големо недоразбирање во јавноста. Додека за патници од ЕУ е дозволено внесување до 800 цигари, за оние од Македонија лимитот е многу понизок:
- 40 цигари (две кутии);
- или 20 цигарилоси;
- или 10 пури;
- или 50 грама тутун.
Овие производи може да се комбинираат, но вкупната количина не смее да ја надмине дозволената граница. Исто така, малолетни лица не смеат да носат цигари или алкохол.
Кога станува збор за алкохолни пијалаци, дозволен е внес на:
- 4 литри вино;
- 16 литри пиво;
- и дополнително:
- 1 литар пијалак со над 22% алкохол (водка, џин и сл.);
- или 1 литар со најмалку 80% алкохол;
- или 2 литри пенливо вино или ликер.
Комбинирање е дозволено, но не смее да се надминува лимитот по категорија.
Други важни детали
- Стока за лична употреба без пријава може да вреди до 300 евра по лице (или 150 евра за деца под 15 години).
- Скапи електронски уреди (како лаптоп или фотоапарат) најчесто не предизвикуваат проблем ако се носат за лична употреба, но теоретски може да бидат предмет на проверка.
- Готовина над 10.000 евра мора задолжително да се пријави.
Дали вреди да се носи храна од дома?
Иако многумина носат храна од Македонија за да заштедат, праксата покажува дека тоа не секогаш се исплати.
Во синџири како „Лидл“ цените не се значително повисоки, а дел од производите – како водата, овошјето и зеленчукот – често се и поевтини отколку кај нас. Локалната понуда е богата, а и квалитетна.
Затоа, наместо свежо месо или варени јадења, подобро е да се понесат суви и фабрички спакувани намирници. И што е најважно – информирајте се однапред и почитувајте ги правилата, за да не го почнете одморот со непријатности на граница.