СЛАВЕСКИ ПРЕДЛАГА ДА СЕ НАМАЛАТ БАНКАРСКИТЕ ПРОВИЗИИ Гувернерот седна на маса со банките

На прашањето што доколку банките не го следат примерот и не соработуваат, Славески е дециден дека државата може да воспостави систем на регулација, транспарентен ценовник за овие услуги. Но, вели тој, треба да му се даде време на секторот да се координира.

6,152

Народната банка на Македонија ќе работи со комерцијалните банки во насока да се намалат или да се укинат некои трошоци за платежни услуги кои, во нето износ, заземаат околу 18% од вкупните нето приходи на банките.

Ваквото „анулирање“ по аршинот на ЕУ, каде сите овие провизии се сведени речиси на нула може да биде нов голем удар против сивата економија и да значи нова можност за корисниците, систем во кој корисникот ќе биде вклучен и ќе биде во самиот центар.






Со други зборови, надоместоците за одржување сметка, за електронско банкарство, плаќањата преку КИБС и преку МИПС, провизијата за подигнување готовина од банкомат на туѓа банка и други платни налози се товар и компликација за корисникот, особено кај населението со пониски примања.

Ова доведува до тоа да се заобиколуваат официјалните канали, па оттука и до сива економија. Мала е финансиската вклученост. Тоа би требало да се смени во 21. век, кога, како што вели гувернерот, овие услуги треба да станат јавен интерес, право, а не привилегија за граѓанинот корисник.

Народна банка ќе го направи првиот чекор

Вакви трошоци имаат и компаниите кои плаќаат надоместоци за платежни сметки или одржување на електронското и мобилното банкарство. Во ЕУ ниту на компаниите не им се наплаќа за овие услуги.

– Денес доаѓаме со понуда до банките, Народната банка да го направи првиот чекор со намалување на надоместоците што ги плаќаат банките за користење на услугите во МИПС, како што се надоместоците поврзани со долговниот промет. Очекуваме и банките во најкус можен рок да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво – истакна гувернерот Трајко Славески пред денешната средба со претставници на Македонската банкарска асоцијација (МБА).

Тој вели дека во Унијата за КИБС и за плаќањето преку МИПС се плаќа надомест до 1 евро.

Споредувајќи ги надоместоците за платежните услуги на банките со надоместоците на матичните банки од ЕУ, Народната банка согледува неколку видови платежни услуги за кои надоместоците треба да се намалат и поедностават, а некои и да се укинат:

– Надоместоците за одржување на платежната сметка за компаниите претставуваат голем трошок, особено за малите и средните компании во земјата, поради што треба да се намалат;

– Надоместоците за користење на електронското и мобилното банкарство, во услови кога се наплатуваат надоместоци за одржување на платежната сметка, претставуваат дополнителен трошок, кој треба да се укине;

– Надоместоците за плаќањата со платни налози во рамки на банката треба да се укинат, имајќи предвид дека за нивното извршување не е потребно користење на платните системи кои создаваат трошоци за банките;

– Надоместоците за меѓубанкарските плаќања во домашната валута кои се извршуваат преку платните системи КИБС и МИПС треба значително да се намалат;

–  Надоместоците за подигнувањето готовина на туѓи банкомати во земјата и странство, кои кај некои банки се и во вид на % од износот, треба да се намалат и поедностават како фиксен трошок по трансакција;

– Надоместоците за прифаќање картички на продажни места кај трговците коишто банките ги наплатуваат од трговците треба да се намалат, имајќи предвид дека меѓубанкарските провизии се ограничени со Законот за платежни услуги и платни системи и се сведени на нивоата во ЕУ“.

Ова се конкретните примери коишто гувернерот Славески ги претстави пред банкарската заедница, при што упати повик да се охрабрат и заеднички да продолжат со иновативен и проактивен пристап. Притоа, ја истакна важноста корисниците на платежни услуги да се стават во фокусот при воведувањето на услугите, преку понуда на разумни, фер и одржливи надоместоци.

Ако банките не сакаат, државата ќе регулира

На прашањето што доколку банките не го следат примерот и не соработуваат, Славески е дециден дека државата може да воспостави систем на регулација, транспарентен ценовник за овие услуги. Но, вели тој, треба да му се даде време на секторот да се координира.

– Ако можат да се регулираат цените на струјата, тогаш може да се регулираат и платежните услуги. За тоа ќе биде подготвена соодветна законска рамка. Затоа сега сме тука на разговор со банките. Надоместоците за платежните услуги мора да бидат на разумно ниво. Тоа е ниво одржливо за банките, но и прифатливо за корисниците – најави гувернерот кој допрва треба да ги чуе мислењата на банките и членовите на МБА.

Нула трошок за готовина од банкомат на туѓа банка

Една од работите кои НБРМ смета дека треба да се укинат се платните налози кога се плаќа во самата банка. Оваа услуга во ЕУ обично е бесплатна.

– Треба да се има предвид дека банките немаат трошок за користење платен систем во овој случај – нагласува гувернерот.

Но, можеби клучната алатка која ќе ги спречи граѓаните и фирмите да не прибегнуваат кон користење готовина е да се укинат провизиите за подигнување пари од автомати на туѓи банки.

– Мислам дека тоа ќе биде во интерес на самите банки. Тие така побрзо ќе ја шират сопствената мрежа – вели Славески потсетувајќи на мислата на Пол Волкер од 2009 година дека банкоматите (АТМ машините) се најголемото откритие во банкарството во последните 20 години.

Нула трошок за префрлање сметка во друга банка

Една од другите интересни новости кои се на повидок е и можноста што поедноставно да се пренесе сметката од една банка во друга, без плаќање надоместок или со надоместок кој ќе биде ист колку и реално направените трошоци.

Граѓаните на ЕУ го уживаат и правото да ги споредуваат надоместоците за разните услуги пред да ја донесат одлуката.

И банките имаат трошоци за кафе

Каков е одговорот на банките за оваа идеја? Допрва ќе се кршат копјата на состаноци со НБРМ. Од МБА велат дека се отворени за длабинска дискусија, но се жалат дека имаат големи расходи кон провајдерите и расходи за работата со картично работење.

– Надоместоците се различни во секоја банка и за нив секоја банка одлучува, што го отежнува проблемот. Ако се намалат трошоците за МИПС, дали може да очекуваме и дека провајдерите ќе ја намалат цената кон нас за истата услуга? – вели претставничка од МБА и потсетува дека банките кои ги објавуваат сите свои приходи и расходи се меѓу најтранспарентните, за разлика од други сектори во стопанството.

Претставиците од банките пред состанокот не одговорија од кои провизии и надоместоци се спремни да се откажат, но беше дофрлено дека „месечните трошоци за одржување на платежна сметка“ се ниво на едно кафе.

Банките да бидат храбри, не само профитабилни

Гувернерот потсети дека бројката од 18% нето приход од сите овие надоместоци кај банките за претходната 2024 година не е случајна.

– Покрај приходите од камати на одобрени кредити, овие приходи придонесуваат за високата профитабилност на нашите банки, која мерена според показателот „поврат на сопствениот капитал“, наречен Return on Equity, изнесува во просек околу 20%, а кај некои банки и над тој износ. Ваквата стапка на поврат на вложениот капитал од страна на акционерите на банките е значително повисока во споредба со другите сектори во нашата економија – вели Славески.

Тој ја охрабри банкарската фела, но и граѓаните и компаниите заедно да учествуваат во една, како што вели, модернизација, онаква каква што направи Европската Унија за да го олесни пристапот до заедничкиот пазар. Тој потсети дека оваа мерка значи пат кон социјална инклузија и правичност.

Ова, според Славески, придонело во економијата на ЕУ да влезат нови учесници, што значи и многу повеќе конкуренција.

Банките беа клучни во сите големи реформи во Македонија

Банките се клучни во економските реформи на секоја земја. Пред новинарите гувернерот го пофали банкарскиот сектор дека учествувал во сите вакви крупни промени низ историјата на Република Македонија и дека токму сега се случува уште еден таков чекор, своевидна иновација.

Во 2011 година банките успешно го презедоа вршењето на платниот промет од тогашниот Завод за платен промет, кој престана да постои. Во 2006 година успешно беше укинато плаќањето со гарантирани чекови и со големи инвестиции беше постигнато масовно користење платежни картички кое потоа експоненцијално се зголемуваше.

Во 2008 година се воспостави регистарот на сметки. Неодамна, Македонија стана членка на СЕПА, за што банките повторно имаа клучна улога. Сега се можни брзи прекугранични плаќања во евра, како да сме граѓани на ЕУ, потсети Славески.

Поврзани содржини