216.000 ГРАЃАНИ НА МАКЕДОНИЈА ИМААТ БУГАРСКИ ПАСОШИ? Бројката ја откри бугарскиот министер за внатрешни работи
Издадени се 216.594 пасоши на бугарски државјани за кои постои информација дека имаат и државјанство на Република Северна Македонија, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Даниел Митов.
„Од 1 јануари 2007 година до 17 јуни 2025 година, на вкупно 216.594 лица со државјанство на Република Северна Македонија им е издаден бугарски пасош“.
Ова го соопшти министерот за внатрешни работи на Бугарија, Даниел Митов, јавува агенцијата БГНЕС.
– Во наведениот период се издадени 216.594 пасоши на бугарски државјани за кои постои информација дека имаат и државјанство на Република Северна Македонија – изјави Митов.
Тој посочи дека основата за издавање бугарски пасош произлегува со стекнување бугарско државјанство.
– Добивањето бугарски пасош е основно право на секој бугарски државјанин, загарантирано со закон, и тоа може да биде ограничено само во случаи предвидени со законот – додаде министерот.
Правната рамка која го регулира издавањето пасоши на бугарски државјани е содржана во неколку членови од Законот за бугарски лични документи (ЗБЛД), конкретно: точка 4, став 1; член 13, став 1, точка 2; член 33, став 1 и член 35, став 1.
Издавањето бугарски пасоши на македонски државјани со бугарско државјанство е пракса која со години предизвикува интерес и контроверзии во јавноста, особено поради политичките и историските односи меѓу двете земји.