МАРИЧИЌ ТРОШЕЛ НАЈМНОГУ ВО МИНАТАТА ВЛАДА Директорот Томовски открива што правел министерот со државни пари

Директорот на Службата за општи и заеднички работи вели дека се води истрага од страна на Министерството за внатрешни работи, преку Одделот за економски и организиран криминал.

2,069

Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, вечерва во интервју за ТВ21 посочи дека дел од министрите во претходната Влада се однесувале недомаќински и правеле енормни трошоци на товар на државниот буџет.

– Прв пример ни е Маричиќ, секојдневно го слушаме, најголемиот потрошувач – рече Томовски, алудирајќи на поранешниот вицепремиер за европски прашања.






Тој дополни дека Обвинителството сè уште не презело доволно конкретни мерки, иако, како што вели, дел од случаите веќе подолго време се предмет на интерес на институциите.

– Тука малку ни каска Обвинителството, не постапува посоодветно. Дали немаат доволен капацитет, дали не се доволно добро организирани. Но, да, во право сте, во рок од 11-12 месеци досега требаше да има повеќе дела, не само во Службата, туку генерално во целата држава. Ајде да се надеваме дека ќе се оправат или пак ќе треба да се бара решение, да се прави нов избор или реизбор – нагласи директорот на СОЗР.

Томовски откри и дека во моментов, во Службата се води истрага од страна на Министерството за внатрешни работи, преку Одделот за економски и организиран криминал.

– Апсолутно се согласувам, можеби работите одат споро, но има одредени дела. Службата има околу 400 директно вработени и уште 300 преку надворешни фирми, хигиена, одржување, обезбедување. Имаше дела. Едно од нив заврши со тоа што претходниот директор заврши во притвор, не знам дали е уште во притвор, но има дела кои му се водат од страна на Финансиската полиција – рече Томовски.

Дополнително, тој потврди дека се спроведуваат нови проверки.

– Има уште едно, не би можел да кажам дека е дело, но дека се врши испитување, истражување од страна на МВР. Тоа се службите што треба да извадат некакво дело, да го дадат до Обвинителството, а тоа да постапи. Наше е да им ги отвориме вратите, да им ги дадеме документите на увид – вели директорот.

Поврзани содржини