МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА СТАБИЛНО ЗАКРЕПНУВА Гувернерот на централната банка уверува дека стапката на дезинфлација продолжува
Трајко Славески, во интервју за порталот Пари, предупредува на исклучително високата непредвидливост и променливост на глобално ниво.
Македонската економија, и покрај неизвесноста присутна на глобалната сцена, и понатаму покажува стабилна динамика на закрепнување. Според пролетните проекции на централната банка, економијата годинава ќе порасне за три проценти, а на среден рок се очекува раст од околу четири проценти. Основното макроекономско сценарио упатува на солидна динамика на натамошно економско закрепнување, вели гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, нагласувајќи дека носители на растот ќе бидат инвестициите, како и кредитната поддршка за компаниите.
И покрај умерената нагорна ревизија на проектираната инфлацијата, во интервјуто за Пари, гувернерот уверува дека процесот на дезинфлација продолжува, со очекување на среден рок стапката да се сведе на историскиот минимум.
– Сметам дека и во 2025 година и на среден рок треба да продолжи нормализирањето на фискалната политика и градењето на фискален простор за справување со нови и неочекувани ризици. Во оваа насока позитивно е тоа што среднорочната фискална стратегија предвидува континуирана фискална консолидација, при што се планира буџетскиот дефицит од четири проценти оваа година да се намали на 3,5 проценти наредната година, а потоа да продолжи да се намалува понатаму на три и под три проценти, и мислам дека треба да се опстои доследно на оваа патека – вели Славески.