НОВ ПАТ ЗА ГЕВГЕЛИЈА, БОГДАНЦИ, ВАЛАНДОВО И ЗА ДОЈРАН Модерна делница која го поврзува регионот со коридорот 10

Според министерот Николоски патот ќе овозможи побрза размена на производи, олеснета комуникација меѓу општините, како и полесно движење за студентите, земјоделците и бизнисмените.

1,463

Со свеченост и официјално пуштање во употреба, денеска беше отворен новиот патен правец Гевгелија – Богданци, инвестиција вредна 5 милиони евра финансирана преку буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

На настанот присуствуваше вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, кој посочи дека овој пат има огромно значење за целиот јужен регион и претставува директна поврзаност со коридорот 10, Грција, Србија и главниот град Скопје.






– Денеска отвораме еден пат што многу значи за целиот регион – за Богданци, Гевгелија, Валандово и за Дојран. Ова е еден заглавен проект што го наследивме, но успеавме да го завршиме и денес гледаме нов модерен пат кој им овозможува на жителите подобра комуникација и економски напредок – изјави Николоски.

Тој нагласи дека патот ќе овозможи побрза размена на производи, олеснета комуникација меѓу општините, како и полесно движење за студентите, земјоделците и бизнисмените.

– Овој пат го поврзува регионот со Грција, Србија и главниот град Скопје. Тоа отвора нови можности – за развој, мобилност и економија, и за сите граѓани од овој дел на Македонија – рече министерот.

Николоски упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, потенцирајќи дека без негова поддршка овој проект не би бил возможен.

– Големи проекти не се реализираат без силна поддршка. Благодарен сум на премиерот за секојдневната комуникација и координација – без него оваа инвестиција немаше да стане реалност – вели Николоски.

На крајот, тој упати пофалби до вредните работници, институциите и вработените во Министерството за транспорт и ЈП за државни патишта, со порака дека ова е само почеток на нов градежен бран:

– Нека е за среќа, и да се гледаме на уште многу, многу убави проекти – заврши Николоски.

Поврзани содржини