НЕМА ВЕЌЕ „НЕ СУМ ЗНАЕЛ“ Законот за Судски совет ќе биде усвоен до крајот на јуни

Филков нагласува дека Министерството за правда го добило мислењето од Венецијанската комисија за Предлог-законот за Судскиот совет и тие забелешки веќе се разгледани. 

386

Законот за Судскиот совет е во завршна фаза и очекувам да биде усвоен до крајот на месецот, како што и беше предвидено. Нема веќе „не знаев“, нема веќе „немав ингеренции“. Ќе има име и презиме за секоја одлука, вели министерот за правда Игор Филков во Интервју за МИА, посочувајќи дека ова е клучен чекор за зајакнување на независноста и транспарентноста во судството.

Филков нагласува дека Министерството за правда го добило мислењето од Венецијанската комисија за Предлог-законот за Судскиот совет и тие забелешки веќе се разгледани.






– Станува збор за конструктивен и содржаен документ што содржи јасни насоки и препораки, особено за деловите на кои ние како Министерство вложивме сериозен фокус. Тие забелешки веќе се разгледани. Особено значајно за нас е што Комисијата го препозна транспарентниот и инклузивен процес при изработката на законот – преку јавни расправи, експертски консултации и вклучување на сите клучни чинители. Тоа е потврда дека одиме во вистински правец и дека нашите реформи се усогласени со европските стандарди. Овој пристап директно придонесува за зајакнување на довербата во законодавниот процес и во правосудството во целина – вели Филков во интервјуто за МИА.

Кога зборуваме за доверба во правосудството, тоа, како посочува Филков, мора да почне од институциите што го водат системот – Судскиот совет и Јавното обвинителство и затоа тргнавме од таму.

– Советот, досега замислен како гарант на независноста, премногу често беше глув за скандали и молчеше кога требаше да дејствува. Сега тоа се менува. Воведуваме строги критериуми за избор и разрешување, обврска за транспарентност, контрола на интегритетот и, најважно, механизми за лична одговорност. Нема веќе „не знаев“, нема веќе „немав ингеренции“. Ќе има име и презиме за секоја одлука. За првпат, ќе има објективно оценување на нивната работа, транспарентност во носењето одлуки и механизми за одговорност и на самите членови на Советот. Ова е клучна точка што ја нотираше и Оценската мисија на ЕУ – и сега директно одговараме на таа препорака – изјави Филков.

Што се однесува до обвинителството, Филков уверува дека тоа повеќе нема да биде „затворена кутија“ зад која се кријат одлуки без објаснување.

– Новиот закон ќе обезбеди отчетност, засилена контрола од јавноста, како и рамнотежа меѓу хиерархијата и професионалната слобода. Не сакаме обвинителство што калкулира, туку што постапува. Воведуваме систем за редовна и објективна евалуација на обвинителите, како и јасна линија на одговорност. И во овој закон, внимателно ги вградивме речиси сите клучни забелешки од Оценската мисија – изјави Филков.

До крајот на годината, Филков вели дека има уште една важна задача – носењето на новиот Кривичен законик, што не е само усогласување со европските стандарди, туку суштинска правна реформа која ќе ја модернизира казнената политика и ќе даде јасен одговор на организираниот криминал и корупцијата.

– Конечно ќе има јасни, остри и применливи одредби против корупцијата, злоупотребата на функција, организираниот криминал. Јас верувам во институциите и во нашиот капацитет да го испорачаме ова. Реформите не се само формалност – тие се одраз на нашата политичка волја, одговорност и визија за праведно општество – нагласува Филков.

Динамиката на спроведување на реформите, Филков уверува дека е интензивна, фокусирана и целосно усогласена со обврските што ги имаме преземено во рамките на Планот за раст на Западен Балкан, и нагласува дека има политичка волја и јасна цел – да го испорачаме она што е договорено и потребно.

Министерот за правда Игор Филков во интервјуто за МИА, кое во целост ќе биде објавено утре, зборува и за сработеното во првата година од неговиот мандат, за измените на Изборниот законик, барањата за екстрадиции, ресурсите во правосудството и дигитализацијата…

Поврзани содржини