НЕМААТ ПОИМ ШТО МИСЛАМ ЈАС ЗА ИЗРАЕЛ И ЗА ИРАН! Трамп за две недели ќе одлучи дали ќе се вклучи во војната
Весникот „Волстрит журнал“ нема поим што мислам за Иран, напиша американскиот претседател за обвинувањата на „Волстрит журнал“ дкеа ја одложува конечната наредба за напад врз Иран. Во четвртокот, Трамп изјави дека дека ќе ја донесе одлуката во следните две недели.
Американскиот претседател Доналд Трамп го негираше извештајот на „Волстрит журнал“ дека ги одобрил американските планови за напад врз Иран, велејќи дека весникот „нема поим“ што мисли тој за израелско-иранскиот конфликт.
„Волстрит журнал нема поим што мислам за Иран“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social, како одговор на извештајот на весникот.
„Волстрит журнал“, повикувајќи се на тројца анонимни функционери, вчера објави дека Трамп еден ден претходно им кажал на високите помошници дека одобрил планови за напад врз Иран, но го одложува давањето на конечната наредба за да види дали Техеран ќе се откаже од својата нуклеарна програма.
Трамп, изјави дека во рок од две недели ќе донесе одлука дали американската војска директно ќе се вклучи во конфликтот меѓу Израел и Иран, имајќи ја предвид „значајната шанса“ за обновени преговори околу нуклеарната програма на Техеран, додека конфликтот влегува во седмиот ден со нови меѓусебни напади, објави Асошиејтед прес.
Според изјавата што ја прочита портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, Трамп размислува за напад на добро заштитената фабрика за збогатување ураниум во Фордо, која се наоѓа под планина и се смета за недостижна за сите освен за американските „бункер-бастер“ бомби.