ТИК-ТОК СТАНА ГЛАВЕН ИЗВОР НА ИНФОРМАЦИИ ЗА МЛАДИТЕ СРБИ Довербата во медиумите е падната под 30%, тврди истражување на Ројтерс

Иако голем број млади луѓе се информираат преку социјалните мрежи, телевизијата сѐ уште останува главен извор на вести за мнозинството граѓани во Србија бидејќи просечното време, поминато во гледање телевизија дневно, е 5,3 часа, што е, исто така, меѓу највисоките во светот.

80

Србите се најголемите корисници на социјалните мрежи за информации во Европа, а вкупно две третини од нив ги користат тие дигитални платформи за информации за најважните теми, односно за вести, се нагласува во најновото истражување на Институтот Ројтерс „Дигитален извештај за вести 2025“ (Digital News Report 2025).

Мрежите за овие цели најчесто ги користат младите.






Младите на возраст меѓу 18 и 24 години, дури 45% од нив, најчесто ги добиваат вестите на Tик-Ток, додека, пак, останатите најчесто го користат Инстаграм за истите цели.

Социјалните мрежи се покажаа како важен фактор во социјалната криза што ја зафати Србија, а студентските активисти ги користат за ширење „нецензурирани вести и мобилизирање протести“, според годишниот извештај за медиумите на Институтот Ројтерс.

Анкетата покажала дека само 27% од граѓаните имаат доверба во медиумите и дека загриженоста за дезинформациите е поголема од 50% (58%).

Како што е наведено во истражувањето, медиумите генерално се сметаат за „подложни на прекумерно влијание на политичарите и на бизнисмените“. Според оние медиуми што се читаат или се гледаат најмногу (имено Информер и ТВ Пинк), граѓаните имаат најмалку доверба, додека, пак, нивото на доверба е повисоко во оние медиуми што се критички настроени (како што се Н1, Нова, Данас и Време).

Иако голем број млади луѓе се информираат преку социјалните мрежи, телевизијата сѐ уште останува главен извор на вести за мнозинството граѓани бидејќи просечното време, поминато во гледање телевизија дневно, е 5,3 часа, што е, исто така, меѓу највисоките во светот.

Радио Телевизија на Србија продолжува да привлекува најголема публика, а Дневник 2 го гледаат приближно 2,5 милиони гледачи, поради што е веднаш пред комерцијалниот канал Пинк Телевизија во однос на гледаноста.

„Српските компании со блиски политички, па дури и семејни врски со политичката елита, ги поседуваат сите 4 комерцијални канали. Заедно, мејнстрим телевизијата силно ја поддржува и ја пропагира политичката агенда на претседателот Вучиќ. Неодамнешна студија покажа дека претседателот имал над 300 телевизиски настапи во текот на 11-те месеци од 2024 година и 141 само во првите 90 дена од 2025 година“, се наведува во извештајот.

Имено, главниот извор на независни вести доаѓа преку кабелските канали N1 и TV Nova, кои се во сопственост на United Media Group.

Извештајот потсетува дека водечкиот канал и придружниот канал на CNN, TV N1, лансиран во 2014 година, е многу критичен кон владата и дека тоа, „заедно со високиот професионализам и доверба“, го прави цел на чести напади и кампањи за клевета од страна на државните функционери и на провладините медиуми.

Во извештајот на Институтот Ројтерс за медиумите, се споменуваат и приходите од рекламирање. Како што е наведено, приходите од рекламирање растат за 5% годишно и моментално изнесуваат повеќе од 270 милиони евра, што е недоволно за одржување на 2.153 медиуми што се регистрирани во Србија.

„Печатените медиуми губат читатели и приходи и сега сочинуваат само 5% од приходите од рекламирање во споредба со над 27% за онлајн медиумите. Пазарот на печатени весници е презаситен со 9 национални дневни весници и со 8 неделници, од кои некои се префрлаат на онлајн или на кабелска телевизија. Само 3 дневни весници се во странска сопственост, Блиц е дел од групацијата Рингиер, а Данас и неодамна основаната Нова се дел од Јунајтед Медиа Груп“, се наведува во извештајот.

Се додава дека „по многу спорни избори“ во 2023 и 2024 година, беше донесен нов закон за медиуми, кој му овозможил на државниот телекомуникациски оператор Телеком Србија да влезе во медиумскиот бизнис.

„Во пракса, Телеком Србија го лансираше својот канал Евроњуз дури и пред тоа, во 2021 година, а неговата експанзија продолжува со неодамнешното преземање на Спорт Клуб и на сателитската телевизија Тотал ТВ од Јунајтед Медиа Груп, со што се проширува влијанието на државата врз платформите за испорака на медиуми“, се додава во извештајот.

Поврзани содржини