ПРИЗНАНИЕ ЗА 45 ГОДИНИ НА СЦЕНА Рисима Рисимкин ја доби наградата „Ѓорѓи Македонски“

Наградата ѝ беше доделена како авангарден претставник во современата танцова едукација и уметничко творештво, токму во година кога Рисимкин одбележува 45 години активна кариера.

160

Истакната кореографка и актуелна деканка на Катедрата за современ танц и балетска педагогија при Филмската академија на Универзитетот „Гоце Делчев“, Рисима Рисимкин е добитничка на престижната награда „Ѓорѓи Македонски“. Ова признание ѝ беше врачено на петтото издание на Фестивалот за класичен и модерен танц, во организација на Детскиот културен центар од Карпош.

Наградата ѝ беше доделена како авангарден претставник во современата танцова едукација и уметничко творештво, токму во година кога Рисимкин одбележува 45 години активна кариера.






– Ми претставува огромна чест да добијам награда која го носи името на Ѓорѓи Македонски, основоположникот на балетската уметност кај нас. Без неговата работа, никој од нас не би бил тука. Ја споделувам оваа награда со сите млади ученици и уметници кои вечерва ќе настапат – тие се нашата иднина – изјави Рисимкин при врачувањето на признанието.

Покрај индивидуалната награда, Универзитетот „Гоце Делчев“ доби и благодарница за особен придонес во развојот на балетската уметност во земјава.

Фестивалот, чиј уметнички директор е м-р Маја Каревски, а го организира ДКЦ Карпош под раководство на д-р Биљана Лалчевска Серафимовска, ја воспостави наградата „Ѓорѓи Македонски“ како трајно признание за луѓето кои оставаат длабок печат во македонскиот балет и танцова култура. Признание постхумно доби и самиот Ѓорѓи Македонски, кое во негово име го примија членови на неговото семејство.

Поврзани содржини